Сојузот за синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека на 2 април ќе одржат протест на улиците во Скопје, поради како што велат незаконската одлука на Владата да ја зголеми минималната плата за 1.800 денари. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов изјави дека ССМ излегува на улица на 2 април затоа што Владата одлучила да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија, не прифаќајќи ги нивните предлози за утврдување на висината на износот на минималната плата.
„Не се преговара и не се разговара за висините на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор, а тоа е да добиеме функционерски плати, просечна плата по коефициент на сложеност или зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 12,6 проценти во нето, или 12,9 проценти во бруто“, додаде Трендафилов.
ССМ бара минималецот наместо 24.300, колку што треба да биде од овој месец, да изнесува 30.000 денари.
Видете и ова: Синдикална војна среде битка за повисок минималец
Тој обвини дека во изминатиот период се засилени нападите кон сидникатите од политичка партија, без да посочи која.
„Се засилија нападите како од политичка партија така и од политички поставени директори кои примаат плата од нашите плати, кои ги плаќаме како даноци во државата, не ги плаќаме за да ги минираат процесите за да ги намалуваат платите и за да не ги остваруваат барањата и заложбите на работниците, не ги плаќаме за жестоко да се борат со закани, со уцени за отказ од работни места, за намалување на плата, за суспендирање на наши синдикални активисти, со една цел да направат друг Синдикат репрезентативен на штета на работниците“, додаде Трендафилов.
Прозивките во јавноста во текот на изминатиов месец доаѓаа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ која ја обвинува оваа синдикална организација е во дослух и одработува за опозициските СДСМ, Левица и ДУИ. А, на масата за преговори бараше да седне и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која тврди дека неоправдано била исклучена изминатите неколку години.
Во моментов, минималната плата изнесува 22.567, додека просечната во декември 2024 беше 43.587 денари.
На барањата од месецов минималецот да изнесува 30.000 денари, наместо 24.300, од власта одговорија дека ќе прифатат тоа што ќе се договорат синдикатите и работодавците, но премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема пари во буџетот за предлогот Владата да субвенционира придонеси за повисок минималец.