Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика украинските партнери да бидат „барем онолку отпорни колку што сме ние“ во однос на условите што Русија ги постави за спроведување на договорот за прекин на огнот во Црното Море.
Зеленски, зборувајќи за новинарите во Париз пред состанокот на европските лидери на 27 март, рече дека се согласил да продолжи со разговорите за прекин на огнот во Саудиска Арабија за да се обезбеди продолжување на американската помош и размена на разузнавачки информации.
Белата куќа соопшти дека разговорите резултирале со договор „да се развијат мерки за спроведување“ на неодамнешните обврски за запирање на нападите врз енергетските капацитети и прекин на огнот во Црното Море.
Но, Русија бара да се исполнат голем број услови, вклучително и олеснување на санкциите, во замена за придржување до договорот.
„Тие поставуваат услови за санкции на американската страна. Ако Америка остане силна, ние стоиме на сопствената земја и се браниме“, рече Зеленски и додаде:
„Ја покажавме нашата издржливост. И сега е многу важно нашите партнери да бидат барем толку издржливи како нас, иако имаат повеќе способности“, им рече тој на новинарите.
На прашањето дали верува дека Американците ќе останат силни, тој одговори:
„Се надевам дека е така. Бог да ги благослови тие“.
Видете и ова: Русија и САД го продолжуваат дијалогот, Москва тврди дека не го напаѓа украинскиот енергетски системЗеленски, исто така, рече дека про-Кремљ коментарите укажуваат дека некои од американската страна биле „под влијание“ на руските наративи за конфликтот, што го ослабува притисокот врз Русија.
„Не можеме да се согласиме со овие наративи. Се бориме за себе и ќе се бориме против овие наративи каде и да се појават, бидејќи едноставно нема друг начин“, рече тој.
Тој ги наведе коментарите на американскиот претставник за Блискиот Исток Стив Виткоф, за кој рече дека „често ги повторува наративите на Кремљ“.
„Разговарав со претседателот Трамп многу пати и работиме на разузнавачко ниво за да размениме вистински, вистинити информации. Затоа што изјавите на Виткоф се главна пречка за нас“, вели Зеленски.
Тој се состана со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, кој на 27 март ќе биде домаќин на делегации од „коалицијата на подготвените“ - група сојузници на Украина кои сакаат да му помогнат на Киев и да обезбедат траен прекин на огнот со Русија.
„Ова е одлучувачка фаза за ставање крај на војната за агресија“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со Зеленски на 26 март.
Макрон ја обвини Русија дека покажува „желба за војна“ и инсистираше на тоа дека Москва мора да го прифати 30-дневниот прекин на огнот „без предуслови“.
Видете и ова: Преговарачите на САД и Русија се сретнаа во Ријад по „значајни“ преговори со УкраинаАмериканскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Вашингтон ќе ги процени условите на Москва.
„Ќе го оцениме тоа. Некои од тие услови вклучуваат санкции кои не се наши - тие припаѓаат на Европската Унија“, рече Рубио на прес-конференција во Јамајка на 26 март. Макрон, сепак, во Париз рече дека нема да ги укине санкциите бидејќи е „премногу рано“ за тоа.
Стејт департментот соопшти дека Рубио на 26 март разговарал со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за ставање крај на руско-украинската војна.
Рубио ја нагласи „одлучноста на Трамп да постигне траен мир преку преговори и нагласи дека Соединетите Држави ќе продолжат да работат со Франција кон таа цел“, рече портпаролката Тами Брус во изјавата.
Видете и ова: По новите руски напади, Трамп предлага американска сопственост над украинските електраниАмериканскиот министер за финансии Скот Бесент во интервју за Фокс њуз на 26 март рече дека верува оти Трамп „нема да се двоуми да ги заостри санкциите, доколку тоа му даде предност во преговорите“. Тој додаде дека заострувањето или олеснувањето на санкциите ќе зависи од понатамошните активности на руското раководство.
Бесент, исто така, рече дека САД и Украина би можеле да потпишат договор за природни ресурси следната недела.
„Дадовме завршен документ за економско партнерство. Тој во моментов се разгледува од страна на Украинците и се надеваме дека целосната дискусија ќе започне следната недела и можеби дури и ќе бидат ставени потписи“, рече Бесент.
Договорот требаше да биде потпишан на 28 февруари за време на последната посета на Зеленски на Вашингтон, но церемонијата на потпишување беше одложена по жестоката дискусија меѓу Зеленски, Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Овалната соба.