Редовното годишно собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) почна со минута молк во слава на жртвите во трагедијата во Кочани, а претседателот на Академијата, Живко Попов, изрази сочувство во негово име и во име на членовите до семејствата на починатите во пожарот во Кочани.
„Во овие моменти на длабока тага, сепак, има и нешто светло, а тоа е навремената и компетентна реакција на здравствениот систем и државните институции, пред се МВР и Јавното обвинителство, кои покажаа дека во тешки, кризни моменти сепак имаат капацитет да реагираат соодветно. Тоа дава надеж дека оваа држава доколку продолжи да се менува на ваков начин, нејзините граѓани ги очекува многу посветла иднина“, рече Попов.
Во опсежното експозе по првата година од неговиот мандат, претседателот на МАНУ укажа на сеприсутност на партизацијата во институциите и „децениското невладеење на правото и коруптивноста на системот“ кои, како што рече, довеле до девастирана држава со нефункционални институции.
„Како резултат на тоа во последните години ни се случија неколку масовни несреќи, меѓу кои и последната голема трагедија во Кочани. Потребна е целосна поддршка на енергичните напори и заложби на институциите на државата за расчистување на истите. Верувам дека е возможно рестартирање на државниот систем и доколку успееме на институциите да им го вратиме барем нивото кое го имаа при осамостојувањето на земјата, навистина ќе постигнеме огромен успех. Со вака конципирани институции, Република Македонија многу тешко ќе се справи со предизвиците што ја чекаат при отворање на поглавјата за членство во ЕУ“, рече Попов.
Видете и ова: Бројни акции за донации, но и обиди за измамиПосочи дека партизираноста е „посебно видлива во јавната администрација, во агенциите, во регулаторните тела, кои треба да бидат независни“, што, рече, „перманентно го ослабува квалитетот и капацитетот на дејствување на институциите и самата држава ја прави нефункционална“.
„Партизацијата на општеството доведе до нефункционален правосуден систем. Вистина е дека се направени повеќе квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација. Тоа што најмногу ја бранува јавноста е Републичкиот судски совет и Академијата за судии и обвинители“, рече Попов, според кого Судскиот совет „во неговото досегашно делување не се покажа доволно силен, убедлив и компетентен да ги наметне своите одлуки.
Зборуваше и за „руиниран здравствен систем“ на кој, рече, најголем удар му е зададен со укинувањето на Законот за Медицински факултет, што довело до распад на Клиничкиот центар и негово политизирање.
Претседателот на МАНУ се осврна и на правичната застапеност и Законот за употреба на јазиците за што рече дека е „време да се направи нивно јасно и прецизно дефинирање пропратено со правни механизми со кои ќе биде оневозможена нивна злоупотреба“.
ЕУ е наша единствена опција, порача Попов
„Мора да се реагира мудро и навремено“, изјави Попов осврнувајќи се на надворешната политика на Северна Македонија. Посочи дека перспективата на евроинтеграциските процеси на државата е „комплетно блокирана со ирационалниот спор со нашите соседи“ и дека е има „битно подобрување на нашите односи со американската администрација предводена од претседателот Трамп“.
„Тоа на поголемиот дел од македонскиот народ му влева надеж дека може да добие одредена поддршка во решавањето на билатералниот спор со Бугарија и во подобрувањето на релациите со Брисел. Република Македонија не може да биде поштедена од последиците на војната во Украина и таа мора да си го најде своето безбедно место во светот и за тоа сведочат дипломатските усилби на Владата, земјата да биде поддржана од повеќе стратешки партнери, што само може да и донесе корист на државата. Во ваква ситуација мора да се реагира мудро и навремено. Европскиот пат, сепак, е наша единствена права и реална опција бидејќи ние сме пред се Европејци“, посочи претседателот на МАНУ.
Видете и ова: Буџетот за основна дејност на МАНУ е помал за 40 отсто, вели новиот претседател ПоповДодаде дека европскиот пат на Западен Балкан „повторно е на испит и на раскрсница и покрај јасната волја и желба на скоро сите околни соседни држави“.
„Сега ветена година е 2030, и затоа потребни се реформи и покрај евроскептицизмот кој е во пораст поради неконзистентното однесување на ЕУ и честата дисонантност на Брисел и поедини европски престолнини, при што наспроти повеќедецениските подготовки и болни реформи на земјите од Западен Балкан, се нуди брз прием на Украина, Молдавија, Грузија и др. Работите на глобално ниво се менуваат од ден во ден, од час во час. Македонија е мала и сиромашна земја, поделена по повеќе основи и мора да реагира навремено, а истовремено да чува и одредена неутралност“, истакна Попов во експозето.
Во однос на спорот со Бугарија, смета дека е одличен предлогот за одложено дејство на уставни измени за кое, како што рече, „претставува солидна основа за компромис“.
„Контактите на научниците од двете страни, повторното воспоставување на научни проекти, соработката во културата, инфраструктурното поврзување и честите контакти и разговори на сите нивоа, се разбира со запазување на нашето национално достоинство, би можеле да бидат мост на кој ќе се сретнат политичарите од двете страни заради изнаоѓање на компромис, додаде Попов.