Русија и Украина одделно постигнаа договор со САД за прекин на воените дејствија во Црното Море

Припадник на украинската крајбрежна стража на патролен брод додека товарен брод плови низ Црното Море, февруари 2024 година.

Припадник на украинската крајбрежна стража на патролен брод додека товарен брод плови низ Црното Море, февруари 2024 година.

Украина и Русија одделно постигнаа договор во разговорите со САД во Саудиска Арабија за прекин на воените дејствија во Црното Море, како и за развој на мерки за забрана на напади врз енергетски објекти во двете земји.

Белата куќа во одделни изјави рече дека тоа ќе и помогне на Москва да го врати пристапот до глобалните пазари за руските земјоделски производи и извозот на вештачки ѓубрива, кои беа прекинати откако Кремљ започна целосна инвазија на Украина пред повеќе од три години.

Иако во изјавите не се споменува прекин на нападите врз други цивилни инфраструктурни цели, тие се чини дека се чекор кон поширок договор за прекин на огнот за ставање крај на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.

Сепак, како знак за тоа колку тешки беа преговорите во изминатите неколку дена и колку е веројатно дека ќе продолжат да бидат, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Кремљ ќе бара „јасни гаранции“ од Вашингтон дека Украина ќе го почитува договорот.

Во меѓувреме, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров на мрежата Х изјави дека Киев ќе го смета секое движење на бродови на руската морнарица надвор од источниот дел на Црното Море како кршење на договорите постигнати во Ријад.

„САД ќе продолжат да ги олеснуваат преговорите меѓу двете страни за да се постигне мирно решение, во согласност со договорите постигнати во Ријад“, објави Белата куќа.

Видете и ова: САД и Русија ги завршија разговорите за Украина, но без заедничка изјава

Денешните (25 март) преговори уследија еден ден откако американските и руските претставници одржаа 12-часовни преговори во Саудиска Арабија, како дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.

Кремљ изјави дека обновувањето на пристапот за руските земјоделски производи и ѓубрива, заедно со намалувањето на трошоците за осигурување за поморскиот транспорт, како и проширениот пристап до пристаништата и платните системи, ќе биде можно само откако ќе бидат укинати некои санкции и ограничувања за Русија.

Трамп претходно изјави дека територијалните линии и потенцијалната американска сопственост на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина се дел од преговорите.

Минатата недела Трамп ја изнесе идејата САД да ја преземат контролата врз оваа електрана, која Русија ја зазеде на почетокот на војната.

Во исто време, и Русија и Украина продолжија да вршат напади.

Во рускиот ноќен ракетен напад врз украинскиот град Суми беа ранети повеќе од 90 луѓе, меѓу кои 23 деца.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како последен пример на „загуба, болка и уништување, нешто што Украина никогаш не го сакаше“.

Зеленски рече дека Русија е „единствениот ентитет што ја продолжува оваа војна и го мачи нашиот народ и целиот свет“.

„За да се принуди Русија да постигне мир, потребни се силни мерки и решителни акции. Подготвени сме да поддржиме секоја силна иницијатива што ја прави дипломатијата поефикасна“, рече Зеленски.

Видете и ова: Разговорите меѓу САД и Русија за Украина беа „интензивни“, но корисни, вели руски преговарач

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха напиша на мрежата Х дека нападот во понеделникот врз Суми покажа дека изјавите на Москва за мир се „празни“.

„Москва зборува за мир додека извршува брутални напади врз густо населените станбени области во големите украински градови“, напиша Сибиха.

За украинскиот напад извести и руската страна. Официјален претставник на окупираниот украински регион Луганск изјави дека шест лица загинале во гранатирање на Краина, меѓу кои и новинар на рускиот весник „Известија“.

Весникот наклонет кон Кремљ го идентификуваше новинарот како Александар Федорчак, велејќи дека тој бил убиен „во регионот Харкив“.

Рускиот канал Звезда, кој е спонзориран од Министерството за одбрана, објави дека неговиот снимател и возачот загинале додека снимале репортажа со Федорчак.