САД и Русија ги завршија преговорите за делумен прекин на огнот во Украина, но страните не усвоија заедничка изјава како што се очекуваше.
Американските и руските претставници вчера (24 март) одржаа 12-часовни разговори во Саудиска Арабија како дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави крај на војната во Украина.
Рускиот сенатор рече дека Москва и Вашингтон не издале заедничка изјава поради позицијата на Украина, но не даде детали.
„Фактот што седеа 12 часа и наводно договорија заедничка изјава, која сепак не беше усвоена поради позицијата на Украина, е многу типичен и симптоматичен“, агенцијата Интерфакс ја цитира изјавата на Владимир Чижов.
Неговите коментари дојдоа откако Кремљ соопшти дека содржината на американско-руските разговори нема да биде објавена во јавноста и дека двете страни сè уште ги „анализираат“ резултатите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека разговорите меѓу Москва и Вашингтон биле фокусирани на технички прашања.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров истакна дека меѓу темите што се разговарале е и безбедноста на поморскиот сообраќај во Црното Море, каде пристаништа имаат и Русија и Украина.
Лавров за државната новинска агенција ТАСС изјави дека Русија го поддржува продолжувањето на Црноморската иницијатива, договор што и овозможи на Украина безбедно да извезува жито. Русија го напушти овој договор во 2023 година.
Претходно, член на рускиот преговарачки тим изјави дека разговорите со американските претставници биле „интензивни“, но корисни.
„Разговаравме за сè. Тоа беше интензивен дијалог, не беше лесен, но многу корисен за нас и за Американците“, изјави Григориј Карасин за ТАСС денеска (25 март). „Беа разгледани многу проблеми“, додаде тој.
Извор од Белата куќа изјави за Ројтерс дека разговорите поминале „неверојатно добро“.
Во Саудиска Арабија, американските и украинските претставници одржаа нова рунда разговори во денеска. АФП го цитираше членот на украинскиот преговарачки тим кој вели дека „сите детали ќе бидат објавени подоцна“.
Видете и ова: Разговорите меѓу САД и Русија за Украина беа „интензивни“, но корисни, вели руски преговарачТрамп рече дека територијалните граници и потенцијалната американска сопственост на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина се дел од преговорите.
Минатата недела, американскиот претседател ја изнесе идејата САД да ја преземат контролата врз оваа електрана, која Русија ја зазеде на почетокот на војната.
Во исто време, и Русија и Украина продолжија да вршат напади.
Во рускиот ноќен ракетен напад врз украинскиот град Суми беа ранети повеќе од 90 луѓе, меѓу кои 23 деца.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот како последен пример на „загуба, болка и уништување, нешто што Украина никогаш не го сакаше“.
Зеленски рече дека Русија е „единствениот ентитет што ја продолжува оваа војна и го мачи нашиот народ и целиот свет“.
„За да се принуди Русија да постигне мир, потребни се силни мерки и решителни акции“, рече Зеленски. „Подготвени сме да поддржиме секоја силна иницијатива што ја прави дипломатијата поефикасна.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха напиша на мрежата Х дека нападот во понеделникот врз Суми покажа дека изјавите на Москва за мир се „празни“.
„Москва зборува за мир додека извршува брутални напади врз густо населените станбени области во големите украински градови“, напиша Сибиха.
За украинскиот напад извести и руската страна. Официјален претставник на окупираната украинска област Луганск изјави дека шест лица загинале во гранатирање на Краина, меѓу кои и новинар на рускиот весник „Известија“.
Весникот наклонет кон Кремљ го идентификуваше новинарот како Александар Федорчак, велејќи дека тој бил убиен „во регионот Харкив“. Рускиот канал Звезда, кој е спонзориран од Министерството за одбрана, објави дека неговиот снимател и возачот загинале додека снимале репортажа со Федорчак.