Граничната полиција истражува како Додик ја преминал границата меѓу БиХ и Србија

Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска

Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска

Граничната полиција на Босна и Херцеговина, по налог на директорот Мирко Купрешаковиќ, спроведува истрага за преминувањето на државната граница од страна на Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска, се вели во денешното (25 март) соопштението на оваа државна институција.

Додик ја премина границата меѓу Босна и Херцеговина и Србија еден ден претходно, кога отиде во Батајница, во близина на Белград, да ја одбележи годишнината од бомбардирањето на НАТО.

Претседателот, премиерот и претседателот на Собранието на Република Српска – Милорад Додик, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ се осомничени за напад на уставниот поредок, а по нив е распишана централна потерница, како што потврдија за Радио Слободна Европа на 17 март.

Доколку по некое лице биде издадена централна потерница, секоја од 16-те полициски агенции и одделенија во Босна и Херцеговина се бара да ги уапси.

„Се преземаат сите мерки и дејствија за утврдување на околностите и начинот на кој претседателот на Република Српска Милорад Додик ја преминал границата меѓу БиХ и Република Србија. Во врска со споменатиот настан, Граничната полиција на БиХ ќе го извести Обвинителството на БиХ и ќе соработува со сите органи за спроведување на законот“, се додава во соопштението.

Видете и ова: Распишана централна потерница по Додик, Вишковиќ и Стевандиќ

Во Босна и Херцеговина, постојат три полициски агенции кои работат на државно ниво, по една на ниво на секој ентитет и по една во областа Брчко. Сите десет кантони во ентитетот на Федерацијата БиХ имаат и свои полициски сили.

Поради сложената државна структура, некои од нивните надлежности се преклопуваат.

Практично сите полициски агенции во државата меѓу своите надлежности имаат спречување на кривични дела, откривање на нивните сторители, истрага на кривични дела и соработка со надлежните обвинителства.

Граничната полиција на БиХ е одговорна за контрола на државната граница, за спроведување на законот за движење и престој на странци и за кривични дела насочени против граничната безбедност.