Претреси и други дејствија на истрагата за пожарот во Кочани

Дикотеката „Пулс“ во Кочани

Дикотеката „Пулс“ во Кочани

Во текот на вчерашниот ден и денеска (25 март) истражните тимови на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи координирано преземаат дејствија за обезбедување докази во истрагата во врска со трагичниот пожар во Кочани, информираат од Обвинителството.

„Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија“, се вели во соопштението од ОЈО..

Во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.

Видете и ова: Истрагата лоцира „верижни пропусти и незаконитост“ кои довеле до пожарот во Кочани

Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица.

Обвинителството претходно соопшти дека сите осомничени од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство и надлежности, не постапиле по прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност по сите.

Несреќата се случи во раните утрински часови во неделата (16 март) во дискотеката „Пулс“ каде настапуваше групата „ДНК“. Во пожарот животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.