Полицијата уапси 43 демонстранти во центарот на Истанбул, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалните мрежи.
Синоќа (24 март) повторно се одржа митинг на опозицијата на плоштадот Сарачане во близина на градското собрание, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.
Помали групи демонстранти се обидоа да одржат демонстрации и во други делови на Истанбул.
Голем број демонстранти синоќа ги блокираа улиците на Истанбул, во рамки на шестата ноќ од протестите во Турција, јавуваат агенциите.
Видете и ова: Притворениот градоначалник на Истанбул номиниран за претседател на ТурцијаДемонстрациите започнаа во Истанбул минатата среда кога градоначалникот Екрем Имамоглу, главен ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, беше приведен под обвинение за корупција.
Судирите со безбедносните сили ескалираа во неделата вечерта, додека полицијата употреби солзавец и гумени куршуми врз демонстрантите, според британскиот јавен сервис.
Судот во неделата одлучи дека Имамоглу треба да остане во притвор до почетокот на неговото судење за наводна корупција и тероризам. Имамоглу ги негира обвинувањата.