Протест во Скопје: Системот е следен

На плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, вечерва (24 март 2025) се одржа протестен марш со кој се бара одговорност за трагедијата во Кочани каде во пожар во дискотеката „Пулс“ ноќта меѓу 15 и 16 март загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени.

Организатор на протестот беше граѓанското движење „Кој е следен?“ кое тврди дека нема никаква поврзаност со политички партии ниту собира политички поени.

Почетокот на протестот беше закажан во 18:59 часот, симболично во чест на бројот на жртви во Кочани – 59.

На почетокот на протестот на централниот плоштад во Скопје присутните граѓани палеа свеќи, положуваа цвеќиња… Насобраните скандираа: „Доста бевме ние, системот е следен“, "Одговорност", "Доста беше смрт", "Транспарентност".
Од „Кој е следен?“ веќе ги објавија барањата преку социјалните мрежи, а меѓу нив е да се објави целата документација за дискотеката „Пулс“ во Кочани од сите надлежни институции.
Граѓаните бараа дисциплинска, кривична и политичка одговорност и за овој, но и за случаите „Онкологија“, пожарот во модуларната болница во Тетово и автобуските несреќи со „Дурмо Турс“ и „Беса транс“.
Од Граѓанското движење „Кој е следен?“, кое се формираше по смртта на младата Фросина Кулакова која беше прегазена во сообраќајна несреќа на 29 јануари годинава кај Универзалната сала во Скопје, тврдат дека не се поврзани со ниедна политичка партија.
Протестниот марш од пред Собранието продолжи до болницата „Св. Климент Охридски“
Планот за 5-минутен аплауз пред Собранието како почит за лекарите беше сменет и беше реализиран пред болницата „Св. Климент Охридски“ во центарот на Скопје
Најголемиот дел од транспарентите беа со пораки за „жртвите во Кочани“ и за „корумпираниот систем“
Протестниот марш продолжи од Градската болница, преку мостот Гоце Делчев, до Владата
Пред зградата на Владата, граѓаните ги изнесоа нивните барања