Во израелските напади над Појасот Газа загинаа најмалку 61 лице во изминатите 24 часа, објавија здравствените власти во понеделникот, додека израелската војска го напаѓа Рафа во близина на границата со Египет.
Здравствените власти соопштија дека Израел убил речиси 700 Палестинци, од кои многу жени и деца, откако минатиот вторник ги продолжи нападите врз Газа ставајќи крај на неколкунеделниот релативен мир по прекинот на огнот во јануари.
Палестинската група Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка организација, соопшти дека се убиени и неколку нејзини високи политички и безбедносни функционери.
Израел вели дека ги продолжил своите воени операции за да го принуди Хамас да ги ослободи преостанатите заложници што ги држи во Газа и го доведува во прашање бројот на загинати што го соопштија здравствените власти под контрола на милитантната група.
Видете и ова: Рубио и Нетанјаху разговарале за израелските напади врз ГазаИзраелскиот министер за одбрана изјави дека неговата земја се бори против Хамас, а не против цивилите во Газа.
„Но, кога Хамас се бори во цивилна облека, од домовите на цивилите и зад грбот на цивилите, тоа ги става цивилите во опасност и тие плаќаат ужасна цена. Затоа ги повикуваме жителите на Газа да се евакуираат од борбената зона“, изјави Израел Кац на социјалната мрежа Икс.
Меѓутоа, населението во Газа постојано е принудено да се евакуира и никаде повеќе не е безбедно, потсетува Ројтерс. Хамас негира дека користи цивилно население и цивилен имот за воени цели.
Во Рафа, илјадници луѓе се заробени во областа Тел Ал Султан, каде што израелската армија испрати дел од своите сили.
„Контактите со соседството се целосно прекинати и не се знае судбината. Семејствата се заробени меѓу урнатините, без вода, без храна, без лекови, среде целосниот колапс на здравствените служби“, соопштија општинските власти.
Палестинската служба за итни случаи соопшти дека 50.000 жители останале заробени во Рафа. Израелската војска тврди дека војниците го опколиле Тел Ал Султан за „да ги елиминираат терористите во областа“.
Во меѓувреме, минатата недела Египет поднел нов предлог за обновување на договорот за прекин на огнот во Газа, изјавија безбедносни извори за Ројтерс во понеделникот.
Видете и ова: Израел соопшти дека го одбил нападот на бунтовниците ХутиСпоред планот, се предлага Хамас да ослободува пет израелски заложници неделно, а Израел да ја спроведе втората фаза од прекинот на огнот по првата недела, велат изворите на новинската агенција.
И САД и Хамас се согласија со предлогот, тврдат безбедносни извори, но Израел сè уште не одговорил. Изворите посочуваат и дека египетскиот предлог вклучува временска рамка за ослободување на сите заложници во замена за временска рамка за целосно повлекување на Израел од Газа, со гаранции од САД.
Израел ја започна својата офанзива во Газа откако борците на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе, главно цивили, и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Палестинското Министерство за здравство, пак, тврди дека бројот на убиени Палестинци од почетокот на израелската офанзива во Газа надминал 50.000.