Мицкоски го поддржува изразувањето револт преку протести, но нема оправдување за „политичките лешинари“

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска (24 март) изјави дека има разбирање за оние кои решиле преку демократската алатка како што е протестот да го изразат својот гнев, но не ги оправда, како што рече, политичките глодари и лешинари кои сакаат да добијат почитички поени

„Апсолутно се придружувам на изразувањето на револт и гнев, затоа што уште многу работи останаа пред нас да се решат. Но, ќе се бориме со последниот атом енергија да исправиме нешто во името на идните генерации. Преку ноќ не може ништо да се направи, иако направивме многу работи изминатиот период. Поразивме неколку мафијашки здруженија кои, за жал, функционираа во државата. Ќе продолжиме и во периодот што следува. Но, од сега па натаму, само би посакал сите да останеме фокусирани и обединети во решавањето на проблемите“, рече Мицкоски.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Громогласна“ тишина на плоштад Македонија за загинатите во пожарот во Кочани

Премиерот Мицкоски посочи дека протестите се демократска алатка на изразување на незадоволство.

„И јас сум нервозен, а верувам и дека и вие сте незадоволни. Сите ние сме незадоволни, во сето тоа што се случува и не треба да имаме дилема. Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме“, рече Мицкоски.

Во Скопје за денеска во 18:59 часот се најавува протестен марш за одговорност и безбедност, во врска со трагедијата во Кочани, но и сите трагедии со човечки жртви низ годините назад.

Протестниот марш кој ќе се одржи под слоганот „Доста бевме ние, системот е следен“ е на иницијатива на граѓанското движење „Кој е следен“ кое се формираше по смртта на младата Фросина Кулакова која беше прегазена во сообраќајна несреќа на 29 јануари годинава.

Движењето „Кој е следен“ организираше низа протести барајќи правда за Фросина, а го иницира и последниот масовен собир во Скопје на 18 март на кој се оддаде последна почит за 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.