Таравари: Седми ден, а нула починати, очекуваме да оди на подобро

Министер за здравство, Арбен Таравари

Министер за здравство, Арбен Таравари

Наредната недела се очекува враќање на повеќе повредени од пожарот во Кочани кои сега се лекуваат во странство, изјави министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб.

Протоколот за враќање ќе биде испратен во Министерството за надворешни работи. Таравари соопшти дека во болниците во земјава се лекуваат 55 повредени, а во странство има 115 повредени. Петтемина повредени кои се во критична состојба се на лекување во странство.

„Надвор од државата се 115 пациенти, во критична состојба продолжуваат да бидат пет пациенти, но состојбата на пациентите флуктуира. Седми ден е, нула починати. Нема ниту еден пациент кој починал. Очекуваме да се подобрува состојбата. Следната недела имаме најави за враќање на повеќе пациенти во државава“, рече Таравари на денешната изјава за медиумите, по завршување на редовниот состанок на кризниот штаб.

Видете и ова: Марш за жртвите во Кочани, 60 минутен молк во Охрид

Во македонските болници пак сите пациенти се во стабилна и добра состојба.

Се планира девет пациенти да бидат испишани на почеток на неделата, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања.