Израел соопшти дека го одбил нападот на бунтовниците Хути

Илустрација

Илустрација

Израелската војска на 23 март соопшти дека соборила ракета лансирана од Јемен пред таа да влезе на израелска територија.

Овој напад претставува ескалација на ситуацијата меѓу Израел и јеменските бунтовници, Хути, кои се поддржани од Иран.

Јеменските бунтовници ја презедоа одговорноста за нападот, велејќи дека групата истрелала балистичка ракета кон аеродромот Бен Гурион, во близина на Тел Авив, изјави воениот портпарол Јахја Сари.

Сари рече дека нападот довел до прекин на воздушниот сообраќај на овој аеродром на час и половина.

Сепак, органот кој управува со аеродромите во Израел соопшти дека аеродромот не бил погоден од овој напад.

Видете и ова: Хутите соопштија дека САД извршиле најмалку десет напади врз цели во Јемен

Портпаролот на бунтовниците Хути - група означена како терористичка група од страна на САД - тврдеше, без да обезбеди никакви докази, дека бунтовниците извршиле напади врз американскиот носач на авиони, УСС Хари С. Труман, во Црвеното Море во неделата.

Бунтовниците Хути неодамна ветија дека ќе ги ескалираат нападите, вклучително и нападите врз Израел, како одговор на американските напади на почетокот на овој месец, кои ја сочинуваат најголемата американска воена операција на Блискиот Исток откако претседателот Доналд Трамп се врати во Белата куќа во јануари.

Во американските напади врз јеменските бунтовници загинаа најмалку 50 луѓе.

Исто така, последниот напад на јеменските бунтовници доаѓа откако тие ветија дека ќе ги прошират своите цели во Израел, како одговор на обновените израелски напади врз Газа, кои оставија стотици мртви во последните денови.