Марш за жртвите во Кочани, 60 минутен молк во Охрид

Охрид, 60 минутен молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани

Охрид, 60 минутен молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани

Граѓаните на Кочани денеска организираа 60-минутен Марш со молк, како симболична почит за сите 60 лица кои починаа како последица од пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи минатата недела.

Без транспаренти и тивко, колоната граѓани помина по улиците во централното градско подрачје и стигна пред зградата на Општина Кочани.

Со мотото „Молкот зборува најгласно“, стоејќи мирно, учесниците на маршот испратија симболична порака дека бараат одговорност за трагедијата којашто уништи неколку генерации млади луѓе.И во Охрид во организација на младинската и ученичките заедници, заедно со Студенските собранија и Локалниот младински совет, денеска на пладне на Градскиот плоштад во Охрид се одржа 60-минутен молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани.

На крајот од 15-минутната почит за загинатите, беше упатена благодарност до сите пријателски држави кои на лекување ги примија повредените од пожарот. Во пораката до институциите беше нагласено дека граѓанските протести и собири не се за менување власт, туку повик за менување на свеста против начинот на кој функционира целиот систем во државата.

„Ние во Кочани секогаш сме биле разумни и рационални луѓе, а проблем е што ова е гнил систем кој не функционира. Ако кренеш глава за правда ќе те избркаат од работа, ќе те наместат, ќе те затворат. Системот не функционира веќе 30 години, но ние немаме намера да рушиме власт. Оваа држава има прекрасни луѓе, но половината се во странство, а другите, нашите најдобри интелектуалци ги ставивме во дупките во земја. Сега ќе имаме и работа и фирми, но немаме деца. Не бараме револуција за промена на власт, туку бараме револуција за менување на нашата свест. Да се свестиме и да прекинеме со партиските поделби, да почнеме од овој момент да создаваме нормално општество. Во сите партии има прекрасни луѓе, но тие се во десеттиот, единаесеттиот ешалон. Што треба да се случи полошо од ова, кога веќе немаме ништо. Ако умре овој град, барем нека се спасат другите градови, рече Влатко Здравко, учесник во маршот.

Видете и ова: Да се откријат причините и виновниците за трагедијата бараат жителите на Кочани

Граѓани на Охрид на дождливо време одадоа почит на настраданите во кочанската трагедија, искажувајќи поддршка на нивните и на семејствата на сите повредени во најголемата несреќа во историјата на независната македонска држава.

Инаку, Општина Охрид за престојната седмица најави свикување седница на Советот, на која ќе одлучува за доделување финансиска помош за семејствата на починатите и за повредените лица во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

За утре во 18.59 движењето „Кој е следен“ најави протест на плоштадот „Македонија“ и објави повеќе барања до властите.