Украина и Русија разменуваат напади

Украина, напад врз Киев

Во руските воздушни напади врз Украина рано во неделата загинаа цивили, објавија властите во Киев, додека светот расправаше за можен прекин на огнот, еден ден откако тричлено семејство беше убиено во напади во регионот Запорожје.

Остатоци од беспилотно летало уништено од украинската противвоздушна одбрана предизвикаа пожар во стан во киевскиот кварт Днипровски, при што една жена загина, а околу 30 луѓе се евакуирани, соопштија официјални лица.

Во меѓувреме, украинските власти објавија дека едно лице е убиено во напад во текот на ноќта во областа Холосивски во Киев, иако деталите за нападот се уште не се јасни.

Во исто време, вршителот на должноста гувернер на руската област Ростов изјави дека во напад со дрон загинало едно лице додека биле во автомобил на автопатот Морозовск-Цимлјанск. Вршителот на должноста гувернер Јуриј Сљусар изјави дека цел на нападот била и станбена зграда, но дека нема жртви.

Извештаите за напади на бојното поле засега не можат независно да се потврдат.

Само 24 часа претходно, бран од најмалку 179 беспилотни летала од типот Шахед од Русија во текот на ноќта погоди четири украински региони, при што уби тричлено семејство во Запорожје, а рани најмалку 12 лица.

Видете и ова: Региони окупирани од Русија во Украина се клучни за крај на војната, вели американски претставник

Украинските воени извори соопштија дека собориле 100 руски беспилотни летала, но повеќето од нив успеале да погодат цели во регионите Запорожје, Суми и Харков, како и во регионот на Киев.

Околу Киев се откриени 52 руски беспилотни летала, а силите за воздушна одбрана соопштија дека уништиле 36 од нив.

Последниот бран напади е дел од острата ескалација на конфликтот и нападите меѓу Русија и Украина, во напади со беспилотни летала што следеа по разговорите за прекин на огнот меѓу Украина, САД и Русија.

Русија користеше беспилотни летала, проектили и бомби во нападите, а тие го следеа ветувањето на претседателот Владимир Путин за време на телефонскиот разговор со Белата куќа на 18 март да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура.

Неколку часа по тој разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, руски беспилотни летала ја погодија украинската енергетска и водна инфраструктура, училишта и болници.

Украинските власти и меѓународните организации овие напади ги нарекоа воени злосторства. Украина, од друга страна, ги нападна руските нафтени постројки и базата за стратешки бомбардери во Енгелс, предизвикувајќи огромен пожар.