Нови Сад прогласи Ден на жалост за смртта на 16-та жртва од уривањето на настрешницата

Жителите на Нови Сад оддаваат почит на 16-та жртва од уривањето на настрешницата на Железничката станица, 21 март 2025 година.

Жителите на Нови Сад оддаваат почит на 16-та жртва од уривањето на настрешницата на Железничката станица, 21 март 2025 година.

Градоначалникот на Нови Сад, Жарко Миќин, ја прогласи неделата, 23 март за Ден на жалост во градот, поради смртта на 19-годишно момче кое им подлегна на повредите здобиени при уривање на настрешница пред Железничката станица во Нови Сад.

Студентите кои синоќа го блокираа Универзитетот во Нови Сад, саботата 22 март ја прогласија за Ден на жалост во чест на смртта на средношколец.

„Сабота, 22 март, ја прогласуваме за Ден на жалост со ужаленото семејство Црнчевиќ, кое го загуби Вукашин по долга и тешка борба“, се вели во соопштението на Студентите во Блокада.

Воено-медицинската академија (ВМА) во петокот потврди дека младото момче е 16-та жртва во несреќата што се случи на 1 ноември 2024 година. Тој беше примен на ВМА кон крајот на јануари годинава по лекување во Клиничкиот центар во Војводина.

„И покрај сите преземени мерки за лекување и максималната посветеност на персоналот на ВМА, пациентот им подлегна на сложените повреди и компликации“, соопштија претходно од ВМА.

Илјадници жители на Нови Сад во петокот вечерта му оддадоа почит на починатиот млад човек со палење свеќи на железничката станица во Нови Сад.

Видете и ова: Почина тешко повредено момче, шеснаесетта жртва од несреќата во Нови Сад

Трагедијата во Нови Сад се случи четири месеци по свеченото отворање на реконструираната зграда на Железничката станица, по тригодишната реконструкција.

Реконструкцијата беше дел од проектот за реконструкција и модернизација на Нови Сад - Суботица - државната граница со унгарската железница. Проектот е развиен од страна на српската филијала на China Railway Design Corporation и CIP Transport Institute од Србија.

Во тек се повеќе постапки поради уривање на настрешницата. На 30 декември, Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица, поради сомнение за невнимание при реконструкцијата на настрешницата.

Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура Железнице Србије“ Јелена Танасковиќ.

По смртта на луѓе при уривање на настрешница во Нови Сад на 1 ноември, следеа низа протести и блокади, предводени од студентите, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите, инсистирајќи на одговорност за несреќата. Поддршка во нивните барања добија и индивидуални просветни работници, земјоделци, адвокати и голем број граѓани.

Видете и ова: Масовен протест во Белград - „Ние сме државата“, порака од студентите

Владата, предводена од Српската напредна партија и претседателот Александар Вучиќ, ги осудува протестите и блокадите.

Вучиќ изјави дека ќе побара од државните органи да дејствуваат во секое време и на секое место на начин кој ги штити редот и законот, истакнувајќи дека оние што не го прават тоа ќе бидат „променети“, пренесе агенцијата Бета.

„Оние полицајци кои не сакаат да го заштитат редот и законот ќе бидат сменети, обвинителите кои не сакаат да го заштитат ќе бидат сменети“, рече Вучиќ.