Голем пожар на отворено вечерва беснее кај Струмица на потегот од месноста Софилар, градските гробишта и селото Баница, каде беа загрозени куќи, но веќе е локализиран и повеќе нема опасност за објектите. Сите пожарникари на ТППЕ Струмица се на терен и се обидуваат да ја скротат огнената стихија – јави новинската агенција МИА.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот почнал да се шири и во правец на селото Василево.
„Ангажирани се сите капацитети на ТППЕ Струмица, а на помош се повикани и пожарникари од блиските градови, кои пристигнаа и се вклучија во гаснењето. Пожарот е многу голем и преземаме сѐ што е во наша моќ да не дозволиме уште повеќе да се шири, но засега силниот ветар ни ја отежнува работата“, кусо изјави за МИА, Гудев.
Градоначалникот на Струмица, Костадин пред малку информираше дека пожарот е локализиран на струмичка страна и повеќе нема опасност за куќите во селото Баница.
- Пред неколку недели реков дека ги знаеме и дека ги гониме оние кои подметнуваат пожари. Лично ќе се заложам до крај сите да одговараат – објави тој на социјалните мрежи.
Видете и ова: Отворена истражна постапка против 27 физички и 3 правни лица во врска со пожарот во КочаниСпоред информацијата од директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, пожарот кај Струмица е настанат од палење на стрништа.
-Гори трска и останата вегетација. Дува силен ветер кој го отежнува или оневозможува гаснењето на пожарот. На терен се екипите на ТППЕ Струмица, Радовиш, Валандово и Богданци, информираше Ангелов.
Инаку, неофицијално пожарот избувнал на повеќе места одеднаш.