Тошковски: Проширување на истрагата за пожарот доколку се обезбедат докази за инволвираност на други лица

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи / архивска фотографија

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи / архивска фотографија

Истрагата за пожарот во дискотекта „Пулс“ во Кочани ќе се прошири доколку се обезбедат докази за инволвираност на други лица – потврди министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Апсолутно ќе се шири оваа бројка доколку се обезбедат докази за оние кои имаат директна или индиректна инволвираност во кривично-правниот настан“, изјави Тошковски денеска (21 март).

На денешната прес конференција во ресорното министерство, тој меѓу другото, се осврна и на неодамнешното апсење на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов. Според Тошковски, дејствијата преземени од Министерството за внатрешни работи (МВР) се целосно во рамки на законските овластувања и се професионални.

„Нема тука наши-ваши, тука има луѓе кои се одговорни и луѓе кои не се одговорни. Но, мора да почитуваме процес на правда и мора темелно и посветено да ја работиме истрагата како што доликува на една држава која што треба да одговори соодветно“, изјави Тошковски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дека Папазов поднел оставка од морални причини е во насока да се оправдаат блиски луѓе до нивната партија, Тошковски одговори дека дејствијата ги преземале согласно конкретните докази во моментот.

Видете и ова: Истрагата лоцира „верижни пропусти и незаконитост“ кои довеле до пожарот во Кочани

Тој додаде и дека во моментот, се истражува и дали претходните две години имало контроли во дискотеката.

Прашан дали актуелниот директор на Државната пазарна инспекција, Влатко Сајкоски правел инспекторски надзори, со оглед на тоа што денеска јавниот обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференција посочи дека осомничен е поранешен директор на ДПИ поради непостапување, Тошковски рече дека МВР соодветно ќе постапи во моментот кога ќе бидат утврдени сите потребни факти.

„Истрагата е отворена и практично формално е отпочната вчера со поднесување на кривична пријава од страна на МВР. Во текот на претходниот ден, исто така имавме поднесено кривична пријава против дел од осомничените во рамки на посебна постапка, под надлежност на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, затоа што предметните лица беа полициски службеници и во однос на тие истрагата започна пред два дена, во однос на сите останати истрага започна вчера“, истакна Тошковски.

Измени во легислативата за забрана на пиротехнички средства

То информираше и дека Владата има намера целосно да забрани употреба на пиротехнички средства во затворен простор. Според Тошковски, службите во рамки на МВР се задолжени да изготват документација со која би се направиле измени на легислативата што го уредува тоа прашање.

Видете и ова: Насилно задушување е причината за смртта кај сите настрадани во пожарот во „Пулс“

Одговарајќи на прашања на новинарите, Тошковски истакна дека веднаш со почетокот на истрагата во врска со несреќата во дискотеката во Кочани службите во рамки на Министерството биле задолжени да изнајдат начин за забрана за употреба на такви пиротехнички средства во затворен простор.

Според она што го рече тој, посточеката легислатива што го уредува тоа прашање датира некаде од 60-те години на минатиот век така што, како што посочи, ќе се оди на донесување целосно нов закон.

Поради потребата од итност во уредувањето на тоа прашање, тој рече дека до донесувањето нов закон решение ќе се бара со измени на членови од постоечката легислатива.

„Во иднина ќе следи обновување со нов закон. Целокупниот законски текст поврзан со предметниот закон е при крај, но сега поради потребата од итност ќе се оди на директни измени на одредени членови на постоечкиот закон, дали ќе оди тоа праку Влада или преку некој пратеник во Собранието. Службите работат на предлог-законските измени и истите најбрзо што е можно ќе бидат ставени во процедура. Интенција е на Владата да не се дозволи никогаш повеќе такви пиротехнички средства да бидат употребувани во затворен простор“, додаде министерот за внатрешни работи.