Почина тешко повредено момче, шеснаесетта жртва од несреќата во Нови Сад

Цвеќиња и плишани играчки на железничката станица во Нови Сад, 2 ноември 2024 година, еден ден по трагедијата.

Цвеќиња и плишани играчки на железничката станица во Нови Сад, 2 ноември 2024 година, еден ден по трагедијата.

Момче родено 2006 година, едно од двајцата тешко повредени при падот на настрешницата во Нови Сад, денеска (21 март) почина по четири месеци и 20 дена борба за живот. Информацијата ја соопшти Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, каде момчето беше хоспитализирано од јануари.

„И покрај сите преземени мерки и максимална посветеност на персоналот, пациентот им подлегна на комплексните повреди и настанати компликации“, се наведува во соопштението.

Со овој смртен случај, бројот на жртви во падот на настрешницата на Железничката станица од 1 ноември, се искачи на 16.

ВМА во соопштението изразува сочувство до семејството на загинатото момче.

Видете и ова: Европското јавно обвинителство спроведува истрага за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад

Трагедијата во Нови Сад се случи четири месеци по свеченото отворање на реконструираната зграда на Железничката станица. Реконструкција траеше три години.

До каде е истрагата?

Поради падот на настрешницата се водат неколку постапки. Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 30 декември поднесе обвинение против 30 лица, под сомнение за пропусти во реконструкцијата на настрешницата. Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ.

Десетмина од обвинетите се во притвор, Весиќ е на слобода, додека Танасковиќ и Димоски се во куќен притвор. Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 3 февруари соопшти дека врши проверки дали имало корупција во текот на реконструкцијата.

Европското јавно обвинителство (ЕППО) потврди за Радио Слободна Европа дека спроведува истрага за можна злоупотреба на средствата на Европската унија во врска со реконструкцијата на железничката станица.

Видете и ова: Масовен протест во Белград - „Ние сме државата“, порака од студентите

По смртта на 15 луѓе во падот на настрешницата во Нови Сад на 1 ноември, започнаа серија протести и блокади, предводени од студенти, кои повеќе од три месеци ги блокираат факултетите, инсистирајќи на одговорност за несреќата. Тие добија поддршка во нивните барања од просветните работници, земјоделците, адвокатите и голем број останати граѓани.

Власта предводена од Српската напредна странка и претседателот Александар Вучиќ, ги осудува протестите и блокадите.

Во меѓувреме, Милош Вучевиќ на 28 јануари поднесе оставка од функцијата премиер на Србија откако студентите во блокада во Нови Сад ги претепаа напаѓачи кои излегле од просториите на владеачката Српска напредна странка.