Насилно задушување е причината за смртта кај сите настрадани во пожарот во „Пулс“

Собир на платото на УКИМ за почит кон настраданите во пожарот

Собир на платото на УКИМ за почит кон настраданите во пожарот

Кај сите настрадани во дискотеката „Пулс“ во Кочани е констатирана насилна смрт од задушување што е предизвикано директно од пожарот – изјави денеска (21 март) директорот на Судска медицина, Александар Станков, кој информираше за спроведената обдукција и идентификација на починатите.

Тој на денешната прес конференција рече дека во извршувањето на 59-те обдукции на телата, учествувале експерти од Судска медицина, од патологија, но и тимови од МВР.

„Кај дел од настраданите се утврдени изгореници од прв и втор степен, но кај три лица имало и изгореници од четврти степен. Кај четворица се констатирани скршеници на ребра и задушување од притисок при бегање (стампедо), а повреди од евентуално срушени греди нема“, изјави Станков.

Тој посочи дека кај жртвите при идентификацијата биле користени две методи, ДНК анализа и дактилоскопија. Сепак, кај четворица било невозможно да се добијат отпечатоци поради што била направена само ДНК анализа.

„Во тек се токсиколошките анализи за да се утврди што било присутно во крвта на загинатите, иако според макроскопскиот наод за време на обдукциите, кај најголем број од нив имало јаглерод моноксид“, рече Станков.

Грутка во грлото: Собир во Скопје за почит кон жртвите од трагедијата во Кочани

Тој очекува сите извештаи за обдукциите да бидат завршени месецов, а за токсиколошките анализи можеби ќе биде потребно повеќе време.

„Ќе се прават и патохистолошки анализи и сѐ што ќе биде сработено, Институтот за судска медицина ќе достави до Обвинителството ќе нареди вештачење“, додаде Станков.

Обдукциите почнале вечерта, на 16 март, а завршиле претпладнето на 18 март. Идентификацијата пак, 99 проценти била завршена во вторникот, на 18 март, а комплетно во утринските часови на 19 март.

Идентификацијата првично се спроведувала во болниците каде што биле жртвите, но само со помош на препознавање и лични документи, а потоа биле применети и ДНК анализа и дактилоскопија при што, за да нема никаква грешка, проверка се правела по неколку пати.

„Од обдуцираните 59 лица, 70 отсто биле меѓу 16 и 29 години, од починатите 16 се жени, а 43 се мажи. Во детали не би влегувал зашто не се завршени сите анализи, но постојат фрактури на ребра и знаци за притисок кои довеле до задушување“, потенцираше Станков на прес-конференцијата.

Во однос на задушувањето, докторот објасни дека под дејство на јаглерод моноксид се јавува главоболка, повраќање, вртоглавица, безсознание, дезориентираност, парализа на мускулите и во вакви случаи, жртвите, вообичаено, се наоѓаат веднаш до местото од кое се обидувале да избегаат.

„Овој гас е многу опасен, нема мирис и вкус, делува на централниот нервен систем, ги онеспособува жртвите и смртта може да настане многу брзо, за неколку минути, зависно колкава е концентрацијата. Во дискотеката каде што се случил пожарот, во тој чад и простор, под дејство на јаглерод моноксид смртта може да настане многу брзо“, рече директорот на Судска медицина.

Тој објасни дека се работи за многу опасен гас кој најчесто се јавува при вакви пожари, поради недоволно, некомплетно согорување.

„Сепак, во овој случај треба да се земат предвид и другите работи како амбиенталното задушување зашто огнот што гори го троши кислородот, па покрај влијанието на јаглерод моноксидот, има и намалено количество на кислород. Во најголем број случаи при вакви големи пожари не е исклучено да се појават и цијан водород и сулфур водород“, додаде Станков.

Одговорајќи на новинарски прашања, тој објасни дека обудкциите се нужни за да се докаже вистината.

-Обдукциите се вид собирање материјални докази зашто со нив се одредува причината на смртта, дали постојат други повреди и дали прчината за смртта е поврзана со настанот. Не може да вршиме идентификација и да одредуваме причина за смрт само со преглед, мора да се направи комплетна обдукција и позитивна идентификација за да излеземе пред судот - посочи докторот.