Црвениот крст прави подготовки за исплата на средствата за настраданите во Кочани

Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / 17 март 2025

Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / 17 март 2025

Досега се собрани 48.172.115 денари за поддршка на настраданите во пожарот во Кочани и за нивните семејства - информираше денеска (21 март) Црвениот крст.

- Упатуваме голема благодарност до сите кои донираа и ве информираме дека сме во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства за најитните потреби наменети за настраданите од пожарот во Кочани – наведуваат од Црвен крст во денешното соопштение.

Портпаролката на Владата пак, Марија Митева на прес конференција посочи дека на сите повредени од пожарот во Кочани, лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата.

Видете и ова: Десетмина од повредените во пожарот во Кочани ќе бидат пуштени на домашно лекување

Таа рече дека според досегашниот пресек, згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство.

„Бевме информирани од страна на Црвениот крст дека се прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејства кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство. Истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци“, рече Митева.

Семејствата и на починатите и на повредените ќе добијат по 150.000 денари

Таа истакна дека ова не е еднократна помош и повика на покажување солидарност без шпекулации кои можат наштетат на семејствата на пациентите.

Во однос на финансиска поддршка во висина од 150.000 денари за секое семејство Митева посочи дека моментално се врши проценка и организација на состојбата.

„На секои три часа имаме редовен контакт со семјствата во странство со цел да видиме дали има нови несакани состојби, во постојана комуникација и координација сме и замолуваме да се следат официјалните информации“, додаде таа на денешната прес конференција.