Лидерите на Европската унија (ЕУ) ветија дека ќе продолжат да обезбедуваат воена поддршка за Украина и покрај тековните руски напори во преговорите за запирање на испораките на оружје од Запад за Киев.
На собирот во Брисел на 20 и 21 март, лидерите на ЕУ се очекува да ги усвојат заклучоците од самитот во кои се наведува дека „Европската унија го поддржува пристапот „мир преку сила“, кој бара Украина да биде во најсилна можна позиција, со свои силни воени и одбранбени капацитети како клучна компонента“.
Во текстот, кој го виде Радио Слободна Европа, се нагласува и дека тие „остануваат посветени, во координација со партнерите и сојузниците, да обезбедат дополнителна сеопфатна поддршка за Украина и нејзиниот народ, додека таа го користи правото на самоодбрана од руската агресија“.
Средбата во Брисел доаѓа два дена по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, во кој беше договорена 30-дневна пауза во нападите врз енергетската инфраструктура.
Видете и ова: Калас: За да го одвратиме агресорот, мора да ја зајакнеме одбранатаСепак, само неколку часа по повикот, Украинските железници потврдија дека руските беспилотни летала ја гаѓале енергетската инфраструктура поврзана со железничкиот систем во регионот Дњепропетровск.
Текстот на ЕУ обично бара едногласна согласност од сите 27 земји-членки, но дипломатите од унијата, кои зборуваат под услов да останат анонимни, рече дека Унгарија, која долго време се залага за помирувачки тон кон Кремљ, ќе бара изземање. Слично нешто се случи и на самитот на ЕУ одржан претходно овој месец.
Земјите од Европската унија досега беа исклучени од преговорите што се водат во Саудиска Арабија, но во документот се нагласува дека „Европската унија и нејзините земји-членки ќе придонесат за мировниот процес и ќе помогнат да се обезбеди праведен и траен мир за Украина, што е во интерес и на Украина и на цела Европа“.
Сепак, не се споменува именувањето на претставник на Унијата за преговорите. Во Брисел се шпекулира дека за таа улога би можеле да се земат предвид поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и актуелниот фински претседател Александар Стуб.
Текстот исто така не содржи директни референци за присуството на европска војска на теренот за да го надгледува потенцијалниот мировен договор, идеја која францускиот претседател Емануел Макрон постојано ја застапуваше, но која Москва досега ја отфрла.
Брисел, сепак, стои на две други позиции кои се чини дека администрацијата на Доналд Трамп ги нуди како дел од преговорите со Москва: олеснување на санкциите против Кремљ и одговорност за воени злосторства.
Видете и ова: По новите руски напади, Трамп предлага американска сопственост над украинските електраниУнијата неодамна ги продолжи визните забрани и замрзнувањето на имотот за 2.400 компании и поединци, вклучително и Путин, што тие ги воведоа во трите години од почетокот на руската инвазија на Украина. ЕУ наведува дека „останува подготвена да го зголеми притисокот врз Русија, вклучувајќи дополнителни санкции и зајакнување на спроведувањето на постоечките мерки“.
Околу 200 милијарди евра руски средства остануваат замрзнати, главно во Белгија. Средствата треба да останат блокирани „додека Русија не престане со својата агресија врз Украина и не ја надомести штетата предизвикана од оваа војна“.
Земјите-членки, исто така, додадоа дека инсистираат на „целосна одговорност за воените злосторства и другите најтешки злосторства извршени во врска со руската агресија врз Украина“.
Ова доаѓа откако Вашингтон ја објави својата намера да се повлече од Меѓународниот центар за гонење на злосторства за агресија против Украина, група основана од западните земји во 2022 година за да собира докази против одговорните за потенцијални воени злосторства.