Уште три лица од пожарот во Кочани ќе се лекуваат во Турција, информираат попладнево од турската амбасада.
Три млади лица денеска со авион биле пренесени во болницата „Чам и Сакура“ во Истанбул.
Турскиот амбасадор во земјава Фатих Улусој ги придружувал повредените на Меѓународниот аеродром, при нивното заминување од Скопје.
Моментално во Турција се лекуваат вкупно 12 повредени. Од нив, половина се во болницата „Чам и Сакура“ во Истанбул, додека другата половина во болницата „Билкент Шехир“ во Анкара.
Пациентите кои се лекуваат во болниците во Северна Македонија и надвор од државата се во стабилна состојба и повеќето се подобруваат. Од 20 пациенти што биле критични, денеска 10 се потешки, но и тие се надвор од животна опасност. Ова на 20 март го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.
Видете и ова: Клековски: Згрижувањето на пациентите од пожарот во „Пулс“ е завршеноВо домашните клиники се лекуваат 72 пациенти, а надвор од државата 101 пациент. Од оние што се хоспитализирани во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште тројца.
„Надвор од државата се 101 пациент, вчера се испратени помал број пациенти, денеска има понуди од повеќе држави, но ќе видиме, можеби максимум 10 да се испратат, а можеби и не“, рече Таравари.
Пред да бидат пуштени на домашно лекување, на повредените од пожарот во Кочани кои се лекуваат во земјата ќе им се направат токсиколошки анализи. Тоа е одлука на Кризниот штаб при Министерството за здравство, а испитувањата ќе ги прават искусни токсиколози.