Здружение на македонски новинари ЗНМ ги повикува медиумските работници и уредници да не отстапуваат од воспоставениот протокол, да покажат почит и одговорност, да не објавуваат содржини кои можат да предизвикаат дополнителна болка и да се придржуваат до стандардите на етичкото новинарство.
Ова доаѓа откако неколку странските медиуми емитувале експлицитни фотографии и снимки од ожалостените семејства.
И македонската Влада упати апел до медиумите кои емитувале видео и фото материјали од погребот на жртвите во Кочани спротивно на препораките да ги отстранат содржините и да не ги шират.
Во овие тешки моменти, како што велат од Владата, уште еднаш го повторувааат упатениот апел до медиумските екипи кои присуствуваат на денешниот погреб на жртвите од трагичниот пожар кој настана во кочанската дискотека да се придржуваат до етичките принципи.
Видете и ова: Последно збогум за жртвите од пожарот - најмладите имале 16 годиниНајголем дел од медиумите, според Владата, не емитуваат и шират фотографии и видеоматеријали од семејствата на настраданите, а оние кои објавиле такви содржини уште еднаш апелираме да се придржуваат до етичкото информирање.
„Чувствителноста на трагедијата и личната болка на семејствата во овој момент не треба да биде мета на сензационализам, емотивни наративи, фотографии и видеа. Ги повикуваме медиумите да ги почитуваат приватноста и достоинството на семејствата и во никој случај со медиумското известување не треба да се предизвика лично вознемирување и вознемирување на јавноста. Уште еднаш упатуваме апел до медиумите да пренесуваат проверени факти, да избегнуваат шпекулации и дезинформации, да ја запазуваат приватноста на семејствата на жртвите, се вели во соопштението од Владата.
И Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) ги повика медиумите во државата што известуваат за погребот во Кочани веднаш да ги избришат фотографиите и да ги приспособат вестите на етички и професионални стандарди, јави дописникот на МИА од Белград.
Законот за информации и медиуми го штити достоинството на лицето на кое се однесуваат информациите и затоа го повикаа Министерството за информации и телекомуникации да реагира на известувањето на порталите Република, Курир, Блиц, Ало, Телеграф и Мондо.
НУНС смета дека денешното известување на повеќе српски медиуми што објавија потресни и вознемирувачки фотографии е длабоко неморално и неприфатливо.
„Би сакале да истакнеме дека Кодексот на новинарите на Србија експлицитно забранува известување за погреби на приватни лица и дека новинарите се должни да ја почитуваат приватноста, достоинството и интегритетот на луѓето и да ги заштитат нивните права. Известувањето за погреби и објавувањето фотографии не е во јавен интерес“.
Објавувањето фотографии и видеа од гробни места, членови на блиско семејство и приватни моменти е директно кршење на препораките за етичко известување и нарушување на достоинството на лицата за кои станува збор.