Состојбата на повредените генерално стабилна, тројца пуштени на домашно лекување

Арбен Таравари, министер за здравство

Арбен Таравари, министер за здравство

Сите пациенти кои се лекуваат тука и надвор од државата се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 критични, 10 се потешки, но и тие се стабилни и надвор од животна опасност, соопшти денеска (20 март)министерот за здравство Арбен Таравари.

Како што изјави Таравари, во државава се лекуваат 72 пациента, а на лекување надвор се 101.

Од оние што се лекуваат во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште три.

„Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави“, изјави Таравари.

Видете и ова: Загинатите во пожарот во Кочани ќе бидат погребани денеска

Според него, од пациентите во државава, 34 се на Клинички центар, 15 се во ГОБ „8 Септември“, во Градската општа болница се хоспитализирани 11, а во Штип е еден пациент. Од приватните клиники, во „Систина“ се згрижени 7 пациенти и во „Жан Митрев“ четворица.

Министерот додаде дека возачот на Итната медицинска помош кој почина по трагичната несреќа во Кочани, а превезе голем број пациенти ќе биде постхумно одликуван.

„Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам“, изјави Таравари.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 млади луѓе, а 155 беа повредени.