Загинатите во пожарот во Кочани ќе бидат погребани денеска

илустрација

илустрација

Загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе бидат погребани. Во трагедијата што се случи во неделата рано наутро загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во село Облешево, додека погребите на други места од каде што има починати ќе бидат во различни временски периоди.

Штип ќе се прости од петмината загинати во пожарот, а Пробиштип од тројцата свои сограѓани кои загинаа во трагичната несреќа.

Членовите на бендот ДНК кои починаа во пожарот ќе бидат погребани во Скопје и во Струмица. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица.

Видете и ова: Истражни постапки за 26 лица за пожарот во Кочани, МВР најави дека тоа не е конечна бројка

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан повика на сплотеност и молитва по ужасната трагедија во Кочани. Народната сплотеност и единство, нагласува архиепископот Охридски и Македонски, најмногу се огледуваат и се најпотребни во вакви злокобни неприлики.

Владата вчера (19 март) ги задолжи државните институции, а на локалната самоуправа и на работадавачите од приватниот сектор им препорача да ги ослободат од работа и работни обврски сите вработени на територија на Кочани.

Видете и ова: МВР забрани снимање со дрон, Владата изготви безбедносен протокол за известување од погребот на жртвите

Сите повредени во несреќата во Кочани се соодветно згрижени и добиваат 24-часовна медицинска нега во земјава и во специјализираните медицински центри во странство.

Од вкупно 178 повредени, како што информира вчера Министерството за здрaвство, во јавните здравствени установи во државата се третираат 64 пациенти, кои се во релативно стабилна состојба, во приватните здравствени установи се лекуваат 13 пациенти, а 101 пациент се третираат во странски медицински центри.