Од 12 објекти со важечка лиценца, досега три не исполнувале минимум технички услови

Марија Митева, портпаролка на Владата на РСМ (архивска фотографија)

Марија Митева, портпаролка на Владата на РСМ (архивска фотографија)

Три дискотеки се затворени бидејќи не ги исполнуваат потребните технички услови за да им биде издадена лиценца и да можат да работат, потврди денеска (19 март)портпаролката на Владата Марија Митева на прес-конференција. Таа кажа дека во моментов се прават контроли во уште девет дискотеки кои имаат добиено лиценци.

„На трите дискотеки ќе им биде одземена лиценцата и ќе им бидат изречени сите максимални казни. Откако ќе завршат проверките на оние кои имаат лиценци, ќе се премине во контрола на сите оние кои немаат лиценца, но во минатото работеле“, рече Митева.

Таа рече дека веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност и сите казнени одредби кои што се возможни согласно закон ќе бидат превземени.

Само 22 дискотеки низ државата имаат лиценци за работа, утврдила контролата на Пазарната инспекција која беше спроведена после пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 59 лица, а 155 беа повредени.

Видете и ова: Решенија за продолжување на притворот за 10 лица, за шест се одлучува

Кај 15 клубови констатирано е дека лиценцата им е истечена.

Митева посочи дека она што се случи во Кочани не е изолирана трагедија туку е „симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција“.

„Ниту ќе замижуваме, ниту ќе заштитуваме. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“, рече таа.

На прашањето што ќе се прави со оние локали кои работеле без лиценца, а според некои информации газдите на таквите диви дискотеки го растргнуваат ентериерот за да нема докази дека работеле, Митева рече дека дополнително сите ќе бидат проверени „и оние кои што немале лиценца, а кои што вршеле работа и оние кои што имале и ја извршувале“.