Српскиот парламент ја потврди оставката на премиерот Милош Вучевиќ, со што и го заврши мандатот на целата влада.
Со потврдувањето на оставката на премиерот, владата станува техничка, а Вучевиќ ќе ја извршува премиерската функција во технички мандат до изборот на нов.
Во исто време почнува и рокот од 30 дена за избор на нова влада.
Доколку во тој рок не се избере нова влада, тогаш се распишуваат парламентарни избори.
Милош Вучевиќ поднесе неотповиклива оставка на 28 јануари, откако студенти во Нови Сад беа претепани за време на блокадата од напаѓачи кои ги напуштија просториите на владејачката Српска напредна партија. Студенти биле тепани додека лепеле плакати со кои повикувале на протест во Нови Сад.
Видете и ова: Масовен протест во Белград - „Ние сме државата“, порака од студентитеЗаедно со Вучевиќ, кој е лидер на СНС, оставка поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Во Србија веќе четири месеци траат протести, предводени од студенти во блокада, поради уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.
Владата на Милош Вучевиќ беше избрана на 2 мај 2024 година.