Турските власти денеска (19 март) го уапсија главниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Екрем Имамоглу, под сомнение за корупција и поддршка на терористичка група.
Главната опозициска партија го нарече апсењето „обид за државен удар против нашиот иден претседател“.
Апсењето на Имамоглу-истакнатиот градоначалник на Истанбул, доаѓа во време кога многу опозициски фигури беа приведени низ целата земја, во она што многумина го гледаат како политизиран обид да се замолчат противниците.
Владата на Ердоган ги отфрли критиките, велејќи дека судството е независно.
Имамоглу, кој има 54 години, води пред Ердоган во некои анкети во Турција.
За него се води истрага во два одвоени случаи, кои опфаќаат и обвиненија за водење криминална организација, поткуп и манипулација со тендери.
Главната опозициска партија, Републиканската народна партија (ЦХП), беше на работ да го објави Имамоглу за свој претседателски кандидат за да го предизвика Ердоган, кој ја водеше Турција повеќе од две децении.
Следните избори се закажани за 2028 година, но Ердоган ја достигна дозволената граница од два мандата како претседател, откако претходно беше премиер. Ако сака повторно да се кандидира за претседател, мора да распише предвремени избори и да потврди дека не го завршил вториот мандат или мора да го промени Уставот.
Во видеото објавено на социјалните мрежи, Имамоглу рече дека нема да се предаде и дека ќе продолжи да остане непоколеблив пред притисокот.
Лидерот на ЦХП Озгур Озел го нарече апсењето на Имамоглу обид за државен удар и ги повика сите опозициски групи да се обединат против неговото приведување. Тој додаде дека партијата ќе го избере Имамоглу за лидер во недела, без оглед на развојот на настаните.
Видете и ова: Курдската работничка партија прогласи прекин на огнот со ТурцијаСпоред соопштението на обвинителството во Истанбул за првата истрага, вкупно 100 лица, меѓу кои и новинари и бизнисмени, се осомничени дека се вмешани во криминални активности поврзани со одредени тендери објавени од општината на Истанбул.
Во втората истрага, обвинителите ги обвинуваат Имамоглу и уште шестмина за поддршка на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка организација.
Минатиот месец, ПКК прогласи прекин на огнот како одговор на повикот на затворениот водач Абдула Оџалан за разоружување, што е голем чекор кон ставање крај на бунтот кој остави повеќе од 40 000 мртви и може да има значителни последици за регионалната безбедност и политика.
Апсењето на Имамоглу дојде ден откако Универзитетот во Истанбул му ја укина дипломата, одлука која, доколку биде потврдена, ќе го спречи да се кандидира на претседателските избори.
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул ги забрани сите собири и протести во градот на четири дена.