Радио Слободна Европа поднесе тужба против Американската агенција за глобални медуми поради укинување на финансирањето

РСЕ работи во 23 земји и на 27 јазици низ Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Централна Азија

РСЕ работи во 23 земји и на 27 јазици низ Централна и Источна Европа, Блискиот Исток и Централна Азија

Радио Слободна Европа (РСЕ) на 18 март објави дека поднесе тужба против Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), и претставниците на УСАГМ, Кари Лејк и Виктор Моралес, за да го блокираат нивниот обид да го прекинат федералното финансирање на РСЕ.

Во тужбата се тврди дека задржувањето на средствата одобрени од Конгресот за РСЕ ги прекршува федералните закони и Уставот на Соединетите Држави, кои на Конгресот му даваат ексклузивна власт за федералните трошоци.

Тужбата беше поднесена во Окружниот суд на САД за округот Колумбија.

„Ова не е време да се отстапи место на пропагандата и цензурата на американските противници. Ние веруваме дека законот е на наша страна и дека славењето на нашата пропаст од деспотите ширум светот е прерано“, рече претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус.

Моралес е вршител на должноста извршен директор на Американската агенција за глобални медиуми, додека Лејк е виш советник на Моралес.

Веста за тужбата доаѓа додека политичарите од Европската Унија велат дека продолжуваат со напорите за можна поддршка за РСЕ, откако американската влада одлучи да го намали финансирањето на радиодифузерот со седиште во Прага, поради загриженоста дека неговото затворање ќе биде удар за продемократските медиуми.

Видете и ова: Чесите започнаа дебата во ЕУ за финансирање на Радио Слободна Европа

Чешкиот министер за европски прашања Мартин Дворжак за новинарите во Брисел изјавија дека неколку нации досега ја поддржале иницијативата, но дека блокот мора брзо да дејствува бидејќи „би било голема грешка да се остави оваа институција да умре“.

„Треба да покажеме интерес и да се сретнеме со комесари и со некои држави. Во моментов оваа иницијатива е поддржана од седум други земји, а откако ќе ја објавиме иницијативата на Советот за општи работи, ќе ни се придружат повеќе земји“, рече Дворжак, додавајќи дека прашањето мора да се реши во рок од „неколку недели“.

На иницијатива на Чешката Република, на состанокот на министрите за надворешни работи од 27-те членки на блокот на 17 март се разговараше за иднината на РСЕ поради кратењата на финансирањето одобрено од Конгресот, кои беа скратени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп во текот на викендот.

Земјите од ЕУ изразуваат поддршка за РСЕ

Иако Дворжак не сакаше да ги открие имињата на земјите кои изразија поддршка за овој потег, дипломатски извори за РСЕ велат дека меѓу земјите кои ја поддржуваат иницијативата се Германија, Австрија, Шведска, Холандија, Белгија, Словенија, Полска, Чешка и трите балтички земји.

„Финансиските предизвици со кои се соочува Радио Слободна Европа сериозно му се закануваат на независното новинарство во регионите каде што слободата на медиумите е задушена, од Русија и Белорусија до Иран и Авганистан“, рече белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево во објавата на X.

„Ако РСЕ исчезне, дезинформациите и пропагандата ќе ја пополнат празнината. Тоа би било директна победа за оние кои сакаат да ја поткопаат демократијата... Европа не може да го дозволи тоа. Заштитата на слободните медиуми значи заштита на демократијата. Пристапот до известување засновано на факти не е само принцип, туку неопходност за безбедноста и основните слободи“, додаде тој.

Видете и ова: Трамп потпиша наредба за намалување во седум агенции, вклучително и надзорното тело на РСЕ

Чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски по состанокот на министрите за надворешни работи на 17 март изјави дека чувствува „извесен интерес“ од другите членки на ЕУ за иницијативата на неговата земја и дека „наша одговорност е сериозно да се занимаваме со ова прашање“.

Историја на Радио Слободна Европа за време на Студената војна

Полскиот колега на Липавски, Радек Сикорски, исто така, изрази поддршка за РСЕ, потсетувајќи како неговиот татко го слушал радиото, како и Гласот на Америка, за време на Студената војна.

„Така ги дознавме основните факти за нашите земји бидејќи комунистичката пропаганда беше строго контролирана“, им рече Сикориски на новинарите.

„Шведска потпиша чешка иницијатива за изнаоѓање начини на кои ЕУ и нејзините земји-членки можат да го поддржат Радио Слободна Европа и неговата улога како глас на слободата, онаму каде што е најпотребно“, изјави шведската министерка за европски прашања Џесика Розенкранц.

На 14 март, Трамп потпиша извршна наредба со цел намалување на бројот на седум федерални агенции, вклучително и Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), која ги надгледува РСЕ и другите федерални радиодифузери.

Наредбата, која ги таргетира и агенциите кои се занимаваат со бездомништво, работни спорови и развој на заедницата, им даде на раководителите на секоја именувана владина единица седум дена да поднесат извештај со кој се потврдува целосната усогласеност.

Неколку часа по објавувањето на извршната наредба, во писмото од УСАГМ се наведува дека овластувањето за РСЕ, одобрено од Конгресот, е одземено.

Шефот на РСЕ, Капус, рече дека прекинот на договорот за субвенционирање ќе биде „огромен подарок за непријателите на Америка“, чувство што го повторија многу активисти за медиумски права, застапници за демократија и политичари.