Премиерот Христијан Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање дали градоначалникот на Кочани ќе сноси одредена одговорност во врска со пожарот во дискотеката, најави дека истражните органи во текот на денот ќе ги проверат сите документи во Општината. Тој е на ставот дека никој нема да се заштитува и секој кој има каква било вина во врска со настанот, ќе одговара.
„Дали и колкава е одговорноста на градоначалникот, ќе утврди Обвинителството. Градоначалникот во својата оставка напиша дека стои на располагање за се. Не бега. Тука е. Денеска, колку што јас знам, истражните органи ќе влезат и во Општината. Ќе ги проверат сите документи. Ако вие сега пледирате дека тој е ВМРО-ДПМНЕ, па ние го штитиме, не, се лажете. Никого нема да штитиме. Свети ВМРО да биде, и јас да сум, родена сестра, брат да ми е, ќе одговара ако има каква било вина“, изјави Мицкоски по посетата на повредените од трагичниот пожар во Општина Кочани во ГОБ 8 Септември Скопје.
Видете и ова: Состојбата на повредените е релативно стабилна, 76 пациенти се транспортирани во странствоКако што посочи, кривична одговорност ќе има за сите, но не треба да се шпекулира, или да се креираат информации кои се косат со вистината.
Претходно, од Министерството за внатрешни работи ја потврдија информацијата дека денеска во зградата на општина Кочани се влезени претставници од надлежните институции кои треба да ја подигнат потребната документација во врска со надлежностите на општинската администрација околу дозволите и работењето на дискотеката „Пулс“.
Од Обвинителството засега нема официјална информација дали нивни обвинители се влезени во општинската зграда.
Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазаов вчера си поднесе неотповиклива оставка.