Приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за да може роднините да си ги подигнат телата, изјави за МИА, Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, во врска со обдукциите на жртвите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи рано утрото во неделата.
Тој подвлече дека постапката ќе биде завршена, тогаш кога ќе заврши обдукцијата и идентификацијата на сите тела.
Идентификацијата, вели тој, не се извршува само со обдукција, туку и со ДНК анализи.
Станува збор за два паралелни процеса.
„Работиме со планирано темпо. Паралелно се вршат и обдукција и ДНК анализи. Собрани се ДНК материјали за споредба, од роднините на починатите. Очекуваме брзо да се заврши работата. Не може точно да се каже кога, приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за да може телата да си ги подигнат роднините“, нагласи Станков.
Видете и ова: Солзи и револт во Кочани, се бара правда за загинатите во пожаротВо пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 150 повредени се згрижени во земјава и странство.
Денеска е ден на жалост во неколку земји од регионот. Србија, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина го прогласија денешниот ден 18. март за ден на жалост по повод трагедијата во Кочани пред два дена.
Низ македонските амбасади во светот се отворени книги на жалост. Отворени се книги на жалост и во Собранието и во Министерството за надворешни работи.