Донаторите на конференцијата предводена од Европската Унија (ЕУ) ветија 5,8 милијарди евра за помош на новите сириски власти, кои се соочуваат со хуманитарни и безбедносни предизвици по падот на Башар ал Асад.
Ветувањата дадени вечерта на 17 март на собирот во Брисел се помалку од минатогодишните 7,5 милијарди евра грантови и заеми, а претставниците на ЕУ како главен фактор ги наведоа кратењата на американската помош.
ЕУ организира годишна конференција од 2017 година, но таа се одржа без учество на претставници на режимот на Асад, кој беше изолиран поради репресијата што ја вршеше.
За прв пат на конференцијата присуствуваше висок функционер од Дамаск - сирискиот министер за надворешни работи Асаад Хасан ал Шибани, заедно со европски и арапски министри и претставници на меѓународни организации.
Видете и ова: Што ни кажуваат фактите за насилствата во Сирија?Според податоците на ЕУ, на околу 16,5 милиони луѓе во Сирија им е потребна хуманитарна помош, а на 12,9 милиони луѓе им е потребна помош во храна.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на состанокот најави зголемување на обврските на ЕУ за Сиријците во земјата и регионот на речиси 2,5 милијарди евра за 2025 и 2026 година, што вклучува зголемување од околу 160 милиони евра во споредба со претходното ветување за оваа година.
Хајат Тахрир ал-Шам, групата што го собори Асад, е прогласена за терористичка организација од ОН, но ЕУ сака да соработува со новите власти се додека тие ги одржат ветувањата дека транзицијата ќе биде инклузивна и мирна.
Според ОН, Сирија изгубила 40 години развој поради војната и ќе и треба најмалку една деценија да се врати во предконфликтната состојба, а поради економската криза речиси целото население живее под прагот на сиромаштија.