Распишана централна потерница по Додик, Вишковиќ и Стевандиќ

Претседателот на ентитетот Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на парламентот на РС Ненад Стевандиќ

Претседателот на ентитетот Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на парламентот на РС Ненад Стевандиќ

Судот на Босна и Херцеговина издаде централна потерница за Милорад Додик, претседателот на на ентитетот на Република Српска (РС), Радован Вишковиќ, премиер на РС и Ненад Стевандиќ, претседател на Собранието на РС, потврди денеска (17 март) за Радио Слободна Европа (РСЕ), Обвинителството на БиХ.

Судот на БиХ им одреди мерка притвор во траење од еден месец, откако ќе бидат доведени на сослушување, беше потврдено од Судот на БиХ за РСЕ на 14 март.

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ се осомничени за кривичното дело нарушување на уставниот поредок, а во последните денови не одговараа на повиците да дадат изјави во Обвинителството на БиХ.

Тројцата се уште не се изјасниле за налогот за апсење, ниту пак е познато каде се во моментов.

Сите полициски агенции во Босна и Херцеговина, вклучително и Државната гранична полиција на БиХ, се должни да постапат во согласност со оваа одлука на Судот на БиХ, што треба да го спречи и нивниот евентуален обид за преминување на границата со соседните земји.

Во БиХ има 16 полициски агенции, од кои ниту една досега не ја коментираше распишаната потерница.

Министерот за внатрешни работи на ентитетот на Федерацијата БиХ, Рамо Исак, за РСЕ изјави дека Министерството за внатрешни работи на БиХ се уште официјално не го добило налогот за апсење.

„Не можеме да коментираме повеќе. Чекаме официјално да биде издаден налогот за апсење“, изјави Исак за РСЕ.

Видете и ова: Ќе се формира ентитетска гранична полиција во Република Српска

Обвинителството на БиХ ги интензивираше своите активности по серијата сецесионистички потези на владата на РС предводена од Додик, со кои на 13 март беше усвоен нацрт-новиот устав, со кој Република Српска се дефинира како држава.

Претходно, на 6 март, Обвинителството соопшти дека од декември минатата година води истрага поради постоење основи на сомнение дека е сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“.

Кривичниот законик на БиХ за ова предвидува затворска казна од пет години, но и можност за забрана за вршење должност.

На крајот на февруари беа донесени неуставни закони, со кои се забранува работата на државните правосудни и полициски институции на територијата на ентитетот РС.