Екс министерот за економија Бектеши ќе биде сослушуван во кочанското Обвинителство

Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши

Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши

Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши ќе биде сослушан во Основниот суд во Кочани пред судија на претходна постапка, потврдија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРМС).

Бектеши вчера (17 март)и денеска беше на информативен разговор во полициска станица во врска со пожарот во ноќниот клуб во Кочани во кој на 16 март загинаа 59 лица.

Од полициската станица Бектеши е спроведен и ќе биде сослушан во ОЈО Кочани.

Адвокатот на Бектеши попладнево во изјава за медиумите рече дека поранешниот министер бил повикан на информативен разговор и дека сам се јавил по што е побарано тој да биде задржан заради понатамошни проверки.

„Вечерва му истекува времето од 24 часа на задржување“, изјави адвокатот Еленко Миланов, додавајќи дека до 14 часот во судот немало никакви известувања за некаква постапка против Бектеши.

Прашан за кои околности е повикан Бектеши во полициска станица, Миланов рече дека засега нема правна квалификација.

Видете и ова: Коцевски: Досега осомничени 14 лица за за несреќата во Кочани

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во изјава во Кочани рече дека во моментот се држат рочишта по однос на предлозите за притвор.

„Вкупно до овој момент се работи на итно процесуирање на 14 лица обезбедени од нашето постапување до овој момент. По однос на увидот можам да кажам дека сите важни релевантни факти и докази на местото се обезбедени и следат дополнителни анализи и вештачења од соодветна област“, рече тој, дополнувајќи дека во текот на оваа недела има можност да се поведе истражна постапка.

Коцевски не потврди конкретно дека мерките се однесуваат и на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, како и инспектори од општината.

„Сите лица кои тимот на јавни обвинители утврди дека имаат, односно немаат преземено некои активности кои подлежат на кривично правен аспект ќе бидат опфатени“, рече тој.