Вкупно 14 лица досега се осомничени за пожарот кој изби во дискотека во Кочани. Тие се сомничат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ за кое е предвидено казна затвор од најмалку три години без горна граница на казнување – потврди на прес конференција попладнево, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Од пред Основното јавно обвинителство во Кочани, тој информираше дека обвинителскиот тим е проширен на девет обвинители кои како што рече, интензивно постапуваат и преземаат дејствија со кои се обезбедуваат докази за утврдување на одговорност за трагедијата.
„Издадени се 59 наредби за обдукции, наредби за обезбедување на видео материјали од безбедносни и други камери, наредба за одземање на документација од правен субјект врз основа на барање на меѓуинституционална помош и соработка“, рече Коцевски.
Тој додаде и дека со наредби обезбедени преку Основното јавно обвинителство Скопје, се извршени претреси во Министерството за економија и на уште две локации во Скопје.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Немам солзи за плачење“ - заеднички час на студентите во знак на почит на жртвите во Кочани
„Издадени се наредби за пребарување на компјутери и за пребарување на серверите во Министерството, како и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација“, посочи обвинителот.
Според него, итно е побарано во рамките на истражните дејствија да бидат вклучени градежна и трудова инспекција.
„Исто така, веќе ангажиравме и вештаци од една високообразовна и научна установа во нашата држава кои ќе треба стручно да се произнесат за одредени околности и факти. Показатели за непостапување по безбедносните правила има уште кога овој таканаречен објект, кабаре, бил пуштен во употреба, а понатаму до денот на случување на настанот работел и како таков“, изјави Коцевски.
Тој рече дека покрај ова, се испитуваат дејствија и на примање и давање поткуп, незаконска набавка и употреба на пиротехнички средства, но и други кривични дела.
Коцевски најави дека денеска (17 март) ќе биде пратено барање и до Инспекцискиот совет да се преземат мерки за „утврдување на факти и околности и лоцирање на одговорност низ годините кај секого по име и презиме“.
Видете и ова: Бес на улиците во Кочани - демолирано кафуле, превртен автомобил, каменувана општинската зградаТој информираше и дека во моментов во Основниот суд во Кочани се држат рочишта по однос на предлозите за краткотраен притвор.
„Во текот на вчерашниот ден бевте известени дека ваква мерка е предложена за осум лица, додека три се хоспитализирани во потешка здравствена состојба и постапката за овие лица ќе продолжи веднаш кога нивната здравствена состојба ќе се подобри“, додаде тој.
Коцевски не потврди конкретно дека мерките се однесуваат и на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, како и инспектори од општината.
„Сите лица кои тимот на јавни обвинители утврди дека имаат, односно немаат преземено некои активности кои подлежат на кривично правен аспект ќе бидат опфатени“, кусо изјави тој.
Во однос на протестите што се одржуваат во Кочани по повод несреќата рече дека досега нема незаконити дејствија.