Одложени собраниските активности, подготвителната седница за јазиците и состанокот на лидерите од Западен Балкан во Скопје

Граѓани им оддават почит на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, Кочани, 17 март 2025 година

Граѓани им оддават почит на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, Кочани, 17 март 2025 година

Македонското Собрание ги откажа сите активности планирани за неделава поради трагедијата што се случи во Кочани.

На координацијата претседателот на Собранието Африм Гаши предложи, а присутните едногласно усвоија заклучок дека сите активности на Собранието закажани и планирани за оваа седмица се откажуваат. Собранието ќе заседава само доколку има потреба од усвојување на акти поврзани со трагедијата во Кочани.

И Уставниот суд на работен состанок одлучи да ја одложи подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, која беше закажана на 20 март.

„Судот ја зема во предвид прогласената седумдневна жалост за жртвите од трагедијата во Кочани и траумата низ која поминува општеството, граѓаните и државата“, информираат од Уставниот суд.

Видете и ова: Осомничени 23-ца за пожарот во Кочани, се очекуваат нови апсења

Од Уставниот суд додаваат дека датумот за одржување на подготвителната седница на Законот за употреба на јазиците ќе биде дополнително утврден.

Поради трагичниот настан во Кочани, одложен е и состанокот на лидерите од Западен Балкан што требаше да се одржи оваа недела во Скопје.

Ноќта во саботата изби пожар во дискотека во Кочани во кој животот го загубија 59 лица, а над 150 беа повредени. Во критична состојба се 45 пациенти и тие се транспортираат во странство во соодветни здравствени установи. Досега е извршена обдукција на 15 починати лица.

По несреќата во Кочани, Владата на Северна Македонија вчера прогласи седумдневна жалост на територија на цела држава.