Градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов поднесе неотповиклива оставка од функцијата по трагичната несреќа во Кочани во која загинаа 59 лица.
„Оваа загуба е огромна! Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели. Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна“, напиша Папазов на Фејсбук.
Бара од надлежните институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани додавајќи дека целосно им стои на располагање на институциите.
„Непостапувањето е исто така одговорност. Мора да се истражат сите детали, да се најдат сите пропусти, а сите лица што придонеле кон оваа трагедија мора да одговараат. Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за се, како и за моите лични постапки“, пишува Папазов.
Видете и ова: Таравари: Пациентите од пожарот во Кочани во генерално стабилна состојбаДоколку постои било каков основ за одговорност кај мене, вели Папазов, го повикувам Обвинителството да го испита тоа и да постапи согласно законите.
Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се искачи на најмалку 59 лица, а бројот на повредени кои се хоспитализирани низ болниците низ Северна Македонија е 155.
Во критична состојба се 45 пациенти и тие се транспортираат во странство во соодветни здравствени установи. Досега е извршена обдукција на 15 починати.