Проширен тимот на обвинители за истрагата на несреќата во Кочани

Дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство

Дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство

Обвинителскиот тим кој работи на истрагата за утврдување на причините за катастрофата во Кочани од утрово е проширен и во моментов го сочинуваат двајца јавни обвинители од ОЈО Кочани, двајца јавни обвинители од ОЈО Штип и пет јавни обвинители од ОЈО Скопје.

Како што информираат од Јавното Обвинителство, синоќа се издадени повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација. Увидот на лице место денеска (17 март) продолжува.

Од Обвиинтелството утрово информираа дека во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани.

Видете и ова: Во тек се рочишта за определување притвори за случајот со пожарот во Кочани

За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три сѐ уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.

Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.

Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала