Во тек се рочишта за определување притвори за случајот со пожарот во Кочани

Основно јавно обвинителство, Скопје

Во тек се рочишта за определување притвори за лицата осомничени за случајот со пожарот во дискотеката во Кочани, информираат изутринава од Јавното обвинителство.

За случајот досега се сослушани над 20 лица, а за 11 Обвинителството поведе постапка за проверка. Од нив за осум лица веќе е поднесен предлог за краткотраен притвор, додека останатите три се уште се хоспитализирани во потешка здравствена состојба.

Во пожарот што се случи вчера животот го загубија 59 млади лица, а над 140 настрадани се згрижени во земјава и странство.

Според досегашната истрага на институциите, во дискотеката немало хидрантска мрежа и доволно ПП апарати, во неа противзаконски биле користени пиротехнички материјали, немала ниту легална лиценца за работа и не бил склучен писмен договор меѓу организаторот и групата што настапувала.

Видете и ова: Осум повредени од пожарот во Кочани примени во „Пирогов“ во Софија, нивната состојба е тешка

Како што соопшти синоќа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, досега се сослушани над 20 лица, меѓу кои и еден од организаторите на настанот, а потврди дека на информативен разговор е повикан и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.

Според Коцевски, се работи за сложен предмет и има многу работи што треба да се испитуваат. Досега се преземени низа активности-наредби за обдукција на жртвите, наредби за преземање мерки до МВР и БЈБ за апсење на секое лице кое со своето постапување или непостапување придонело за настанот и да се испита неговата улога, наредба за анализа на одземени предмети, предлог за издавање наредба за одземање видео снимки од безбедносни камери, предлог за издавање наредба за привремено одземање документација на правниот субјект, барање за претрес во дом и други простори и барање за меѓу институционална соработка до ОЈО ГОКК.