За десет лица обвинителството ќе бара краткотраен притвор бидејќи за нив обезбедило докази во текот на денот, потврди Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски. Според него сослушан е и еден од организаторите и според неговиот исказ договор за настап на групата ДНК во дискотеката во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе во пожар, немало.
„Сослушан е еден од првите осомничени, тој е организатор и од неговиот исказ се дадени докази од кои само можам да кажам дека нема писмен договор меѓу организаторот и групата која настапувала. Оние кои се осомничени за давање поткуп се од Министерството за економија. Се бара кус притвор кој може да биде продолжен во 30 дневен за оние за кои добивме денеска докази“, рече Коцевски.
Според Коцевски се работи за дела Предизвикување на општа опасност, Давање и примање поткуп и за употреба на пиротехнички средства. Тој потврди дека во моментов во полициска станица е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. Вели дека пропустите кои се направени се големи и предизвикале ерозија на системот.
Видете и ова: Екс министерот за економија Крешник Бектеши викнат на информативен разговор„Увидот траеше до вечерните часови и се уште не е завршен ќе продолжи утре. Ќе ангажирам 3-5 обвинители од ОЈО Скопје, сложен е предметот и има многу работа. Денеска од увидот на лице место заедно со инспектори на Дирекција за заштитата и спасување утврдивме дека во објектот нема хидрантска мрежа ниту хидрант во функција, немало довлно ПП апарати односно имало само два, немало доволно врати, туку само една импровизирана метална врата за евакуација која била метална, заклучена и обложена со сунѓер. Немало пристап за ПП возила согласно правилник. Внатрешноста била обложена со гипс картон кој бил лесно согорлив. Непрописно бил обложен со материјали за звучна изолација кои лесно биле согорливи. Се употребиле и пиротехнички материјали со висина од 3 метри кои биле употребувани незаконски, без обезбедување“, рече Коцевски.
Инаку Инспекторатот за градежништво и урбанизам утврдил дека објектот е регистиран за лесна индустрија на површина од 419 м2 и нема пренамена. И покрај тоа што нема пренамена за угостителски објект истиот има дозвола за работа од Министерство за економија издадена пред петнаесетина години за угостителски објект.
Инаку издадени се наредби за обдукција, како што се идентификувале жртвите. Наредби до МВР и БЈБ Скопје се дадени да се апси секое лице кое со постапување или непостапување придонело за несреќата и да се испита неговата улога. Запленети се предмети, видео запис од камери, издаден предлог за привремено одземање на документација. Обвинителстовот дало и барање за претрес во дом и меѓу институционална соработка со Обвинителство за гонење организиран криминал.