Мицкоски: Нема да дозволам да победи корумпираниот систем

Христија Мицкоски - Премиер

Христија Мицкоски - Премиер

Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но ова денес е убедливо најтешкиот ден од мојот живот. Вака премиерот, Христијан Мицкоски попладнево ја почна прес конференцијата на која повика на сплотеност и заедништво по пожарот во ноќниот клуб во Кочани.

„Наидов на систем длабоко корумпиран кој е создаван и негуван со децении, чиј дел се лица од сите партии, од секакви профили. Тој систем ако не се сруши оваа држава нема никогаш да ја биде и тој систем не може да се сруши лесно и брзо, затоа што е граден со децении, не со месеци и години“, рече Мицкоски оценувајќи го немилиот настан како кулминација на како што рече, лош, забревтан систем кој ги јаде надежите.

Премиерот информираше објектот каде се случи несреќата имал фалсификувана лиценца, која била издадена лани во март

„Тоа е документ за работа на кабаре, кој е издаден нелегално, со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство. Има тука многу прашања кои истрагата ќе ги одговори“, посочи Мицкоски.

Тој најави кривична одговорност за сите инволвирани и „хируршки прецизна акција на институциите“.

„Во наредните денови ќе преземеме низа на мерки и активности и одлуки кои ќе значат многу во борбата за оваа земја и во име на сите жртви на оваа трагедија и на нивните семејства. Ако има одговорност при непостапување во минатиот период ќе се преземат соодветни чекори. Ќе се разгледаат и испитаат од страна на институциите сите аспекти и сите проблеми кои доведоа до оваа трагедија без скрупули кон никого. Ќе се испитаат аспектите на контрола и се она кое јавноста оправдано го детектира како проблем и предизвик на општеството“, рече Мицкоски.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Ниту еден одговорен не смее да избегне од правдата и казната

СДСМ бара одговорност за трагедијата во Кочани

Претходно, темелна и независна истрага за трагедијата во Кочани, побараа и од опозицијата. Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска на прес-конференција побара и одговорност од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите, во услови кога цела година оваа дискотека работи без лиценца. Чија е одговорноста ако не е ваша, вие тоа да го проверите. Чија е одговорноста ако не е ваша и на сите инспектори кои ги водите? Да се побара одговорност и да се провери цела година дали има неправилности во работењето“, истакна Чупеска.

Таа истакна дека Дирекција за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносните стандарди на сите објекти.Чупеска додаде дека пожарот е настанат од пиротехнички материјали, а како што рече, токму МВР ги издава и контролира овие компании кои управуваат со овие средства.

„Тука одговорноста е целосно во МВР и зошто вие молчите за ова? Дали е точно дека летово оваа дискотека била реновирана и пуштена во употреба, кој дал согласност за тоа? Вие бевте на власт тогаш и на централно и на локално ниво“, порача Чупеска.

Коментирајќи ги пораките од опозицијата пак, премиерот Мицкоски рече дека немилиот настан не треба да се политизира и без разлика на „идеолошките разлики мора да се стави крај на корупцијата“.

„Ова не е меѓупартиска битка ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, туку ова е битка на чесните против нечесните и корумпираните од сите партии и сите институции. Ова го зборувам за сите чесни луѓе во Македонија, и во ВМРО-ДПМНЕ, и во СДСМ, и во Вреди, и во ДУИ и во други партии кои искрено сакаат државата да има ред и поредок“, посочи претседателот на Владата.

Преетходно, министерот за внатрешни работи Тошковски информираше дека за пожарот во ноќниот клуб во Кочани се осомничени повеќе од 20 лица, од кои 15 се приведени во полициска станица.

„Полициски службеници во Скопје разговараа со над 25 очевидци на настанот, а прибирањето докази ќе продолжи континуирано“, истакна Тошковски додавајќи дека истрагата е во тек.