Пејачот Андреј Ѓоргиевски од дуото ДНК е меѓу загинатите во трагедијата во Кочани која настана по избувнување на пожар во дискотеката „Пулс“.
Повеќе јавни личности од естрадата преку социјалните мрежи објавуваат пораки во кои се збогуваат од познатиот пејач.
Другиот член на дуото, Владимир Блажев – Панчо, како што изјавија од неговото семејството претходно, имал изгореници и е на кислородна поддршка.
Групата настапуваше во дискотеката во која ноќта помеѓу 15 и 16 март избувна пожар во кој досега загинаа најмалку 59 лица, а 155 се повредени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Трагедијата во диско клуб во Кочани предизвика шок и вознемиреност
Во несреќата животот го загуби и придружниот вокал на ДНК, Сара Пројковска, која била вонредна професорка на Факултет за музичка уметност, соопштија од оваа високообразовна установа.
Во пожарот почина и 24-годишниот струмичанец Горги Горгиев, тапанар на групата ДНК. Веста за неговата смрт ја потврдија брат му Димитар и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Животот го загуби уште еден член на бендот, Филип Стевановски, кој беше и директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Повеќе медиуми во Северна Македонија јавија дека меѓу жртвите е и фотографот кој бил ангажиран за синоќешниот настап на групата, Александар Ефремов.