Меѓу починатите во големата несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани е и директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, Филип Стевановски.
Стевановски на 24 јануари годинава беше избран за нов директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ -Штип. Стевановски свиреше во бендот на групата „ДНК“.
Во пожарот во дискотеката почина и 24-годишниот струмичанец Горги Горгиев, тапанар на групата ДНК. Веста за неговата смрт ја потврдија брат му Димитар и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Видете и ова: Во пожарот во дискотеката почина тапанарот на ДНК, Горги Горгиев
Владимир Блажев - Панчо од групата ДНК има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка, но е свесен, изјави утрово Васко Спасоски од тимот на бендот.
Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката во Кочани се искачи на најмалку 59 лица, а бројот на повредени кои се хоспитализирани низ болниците низ Северна Македонија е 155 лица.
Ова се последните информации што во 12 часот ги соопшти министерот за внатрешени работи Панче Тошковски на прес-конференција.