Андоновски: Ќе се забранат над 160 веб страници за нелегално коцкање

Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација

Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација

Измените на Законот за електронски комуникации поминаа изминатата недела, потребни се седум дена да стапат на сила и да се објават во Службен весник, а веднаш потоа, Министерството за дигитална трансформација е подготвено да ја донесе методологијата со којашто ќе се забранат нелегалните онлјан приредувачи на среќа, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Андоновски појасни дека постапката ќе биде по анализа на Државната лотарија, кои се оние нелегални приредувачи на игри на среќа и на министерството испраќаат нотификација, со табела на точна веб страница, којашто треба да се забрани.

„Ние, таа ја ажурираме, ја испраќаме како налог за забрана до Агенцијата за електронски комуникации, којашто ја забранува преку телеком операторите. Што значи дека од испраќањето имаат рок од три до пет дена да постапи Агенцијата за електронски комуникации и телекомите и тие веб страници ќе бидат забранети. На две-три недели Државна лотарија ќе не известува за нови веб-страници, коишто се појавувале, а ние со налог ќе ги забрануваме, се до финално завршување на процесот и да ги одвратиме граѓаните да се учесници во нелегално приредување на игри на среќа онлајн, изјави Андоновски.

Видете и ова: Платформата на Државна лотарија останува единствена опција за онлајн коцкање

Смета дека на тој начин ќе ги заштитат граѓаните од злоупотреба на нивните лични податоци, картички, сметки во банките, „и ќе го заштитиме буџетот од излевање на средства, коишто би требало да се слеат, како даночна обврска кон буџетот на Македонија“.

Пред да се донесат законските измени за електронски комуникации, во кои е опфатено нелегалното електронско коцкање, направени се анализи. Според министерството за дигитална трансформација во тој период биле детектирани 160 веб страници на коишто нелегално се приредувале игри на среќа.