Убиен лидерот на Исламска држава во Ирак и Сирија

Премиерот на Ирак Мохамед Шија ал Судани

Лидерот на Исламската држава (ИСИС) во Ирак и Сирија е убиен во Ирак за време на операција спроведена од припадници на ирачката национална разузнавачка служба со силите на коалицијата предводена од Соединетите држави, соопштија Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) и ирачкиот премиер.

„Ирачаните продолжуваат да постигнуваат импресивни победи над силите на темнината и тероризмот“, рече премиерот Мохамед Шија ал-Судани во изјавата објавена на платформата Х.

Абдала Маки Мослех ал-Рифаи, познат и како „Абу Кадија“, беше „заменик калифот“ на милитантната група и беше опишан како „еден од најопасните терористи во светот“.

Американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social во петокот вечерта напиша: „Денес беше убиен пребегнатиот лидер на ИСИС во Ирак. Нашите храбри воини неуморно го ловат во соработка со ирачката влада и курдската регионална влада. Мир преку сила!“.

Видете и ова: Остин: Американската војска треба да остане во Сирија за да се спротистави на Исламска држава

ЦЕНТКОМ во објава на социјалните мрежи објави дека Абу Кадија бил убиен во „прецизен воздушен напад“ во ирачката провинција Ал Анбар, во операција во која учествувале ирачките разузнавачки сили и американските сили на ЦЕНТКОМ.

Во нападот е убиен и вториот оперативец на ИСИС. Беше објавено и видео од воздушниот напад.