Утврден е идентитетот на 19 деца кои на крајот на февруари беа пронајдени во куќа во Брчко, на североистокот на Босна и Херцеговина, а за 12 нема сигурни информации, соопшти Окружното обвинителство - Брчко на 14 март.
„За 14 деца, идентитетот е утврден врз основа на лични документи што ги имале или ги донеле нивните родители. За пет деца имаме информации кои се и што се врз основа на изјавите на другите деца“, рече Радмило Ивановиќ, в.д. главен обвинител во округот Брчко на прес-конференција.
Следеше приведување на осум лица, осомничени за трговија со луѓе и за занемарување и злоупотреба на деца, а на двајца од нив им беше изречен притвор.
Ивановиќ рече дека станува збор за 23 девојчиња и осум момчиња на возраст од две до 12 години. Утврдено е дека некои од нив се родени во Италија, Хрватска, Шпанија, Франција и Босна и Херцеговина.
Видете и ова: Осум лица уапсени во Брчко под сомнение за трговија со децаНа прашањето на новинарите дали децата биле малтретирани, обвинителот одговори дека две лица се во притвор.
„За да се одреди притвор, мора да постои основано сомневање, барем така утврди судот - постои основано сомневање за занемарување и злоупотреба“, рече Ивановиќ.
Според него, на децата им била пружена грижа и третман кој им бил потребен, но немале соодветни услови за долготраен престој.
Главниот обвинител напомена дека центарот за социјална работа е одговорен за натамошното сместување и згрижување на децата, а одредени безбедни куќи изразиле желба да ги сместат децата.
На 25 февруари во приватна куќа во населба Брчко беа пронајдени 31 дете, за кои властите се сомневаат дека се жртви на трговија со луѓе.