Ерменија и Азербејџан, кои од доцните 1980-ти водеа низа војни, го финализираа текстот на долгоочекуваниот мировен договор чија цел е воспоставување формални односи. Тоа е значаен чекор кон ставање крај на децениските непријателства.
Ерменското Министерство за надворешни работи (МНР) на 13 март потврди дека Ереван ги прифатил предлозите на Азербејџан за двата преостанати члена од договорот кои беа неусогласени. Со тоа практично се завршуваат преговорите за текстот на документот.
Официјален Ереван предложи консултации со Азербејџан за датумот и местото на потпишување.
Видете и ова: Пашинијан предложи проширување на ерменскиот јаз со РусијаЕрменскиот премиер Никол Пашинјан веднаш по објавата на МНР изјави дека нацрт-мировниот договор е компромис и оти неговата земја е подготвена да започне консултации за времето на потпишување на договорот.
„Немаме никакви тајни од нашето општество во тој текст, кој всушност беше објавен одделно, член по член. Мислам дека не може да се каже дека јавноста не е запознаена со содржината“, рече Пашинјан, нагласувајќи дека Ерменија и Азербејџан нема да распоредуваат странски сили долж границата по потпишувањето на договорот.
Азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов, исто така, на 13 март, изјави дека „преговарачкиот процес за текстот на мировниот договор е официјално завршен“, додавајќи дека „последните две отворени клаузули се решени, а Ерменија ги прифатила предлозите на Азербејџан“.
И покрај напредокот, Азербејџан тврди дека договорот не може да се потпише додека Ерменија не ги ревидира Уставот и правната рамка за да ги отстрани сите референци за територијални претензии кон регионите во Азербејџан, главно кон Нагорно-Карабах.
„Ова е неопходен предуслов за потпишување мировен договор“, рече Бајрамов.
Ваквиот развој на настаните дојде по повеќегодишни преговори за постојан мировен договор.
Нагорно-Карабах, дом на значително ерменско население, е под контрола на етничките ерменски власти од раните 1990-ти односно по разорната војна меѓу двата соседа која следуваше по распадот на Советскиот Сојуз.
Видете и ова: Година по егзодусот од Нагорно-Карабах, Ерменците и Азербејџанците сè уште сонуваат за домаПо кратката, но интензивна азербејџанска воена офанзива во септември 2023 година, сепаратистичкото раководство се предаде и регионот, сега официјално наречен Карабах, беше реинтегриран во Азербејџан.
Војната доведе до масовен егзодус на повеќе од 100.000 Ерменци од регионот, што практично стави крај на една деценија сепаратистичко владеење.
По последната војна во регионот, Ерменија и Азербејџан ги продолжија преговорите за мировен договор за формално меѓусебно признавање на територијалниот интегритет и за воспоставување дипломатски односи.
Една од клучните пречки во преговорите беше правната позиција на Ерменија во однос на статусот на Нагорно-Карабах како азербејџанска територија.
Баку долго време тврди дека Уставот на Ерменија вклучува имплицитни територијални претензии кон Нагорно-Карабах и азербејџанските власти инсистираат на тоа дека ова мора да се измени пред да се потпише договорот.