Путин: Согласни сме со предлогот за прекин на огнот, но со „одредени нијанси“

Путин на пред прес-конференција во Москва, 13 март 2025 година

Путин на пред прес-конференција во Москва, 13 март 2025 година

Рускиот претседател Владимир Путин вели дека Русија се согласува со предлогот на САД за прекин на огнот со Украина, но дека „постојат нијанси“ и секој договор треба да води кон долгорочен мир.

Претходно оваа недела на состанок во Саудиска Арабија, делегациите од Киев и Вашингтон се согласија на 30-дневен прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.

За време на состанокот во Белата куќа на 12 март со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Трамп изрази уверување дека ќе се обезбеди прекин на огнот за Украина, а неговиот специјален пратеник, Стив Виткоф, пристигна во Москва претходно денеска (13 март) за да разговара со Кремљ за ова прашање.

„Се согласуваме со предлогот за прекин на борбите. Но, ние тргнуваме од фактот дека овој прекин треба да доведе до долгорочен мир и да ги елиминира основните причини за оваа криза“, рече Путин во своите први јавни коментари за тоа како го оценува американскиот предлог за примирје.

Видете и ова: Крајот на војната во Украина ќе ја живне и македонската економија

„Ние сме за [прекин на огнот], но постојат нијанси“, додаде Путин за време на прес-конференцијата во Москва со белорускиот лидер Александар Лукашенко.

Ставањето крај на повеќе од тригодишната целосна инвазија на Русија врз Украина, американскиот претседател Трамп го постави како главен приоритет откако ја презеде функцијата пред помалку од два месеци. Набргу по започнувањето на неговиот втор мандат, тој ги испрати своите највисоки функционери во Москва и Киев за да ја подготват основата за мировни преговори.

Путин рече дека во предлогот има неодговорени прашања, како тоа што да се прави со упадот на Украина во руската област Курск.

„Ако имаме прекин на огнот, дали тоа значи дека сите таму ќе си заминат? Дали треба да ги ослободиме [украинските војници] откако извршија злосторства против населението? Или ќе се предадат?“, праша Путин.

Видете и ова: Кремљ отфрла каков било привремен прекин на огнот, американските преговарачи во Москва

Украина зазеде дел од регионот Курск при упад во август, потег што се смета за обид да се пренасочат руските сили од источна Украина и да се користи оваа територијата како алатка во понатамошните мировни преговори.

Меѓутоа, оваа стратегија сега под ризик да пропадне бидејќи руските сили полека ги туркаат Украинците од Курск, откако вратија повеќе од половина од територијата што првично беше заземена од Украина.

Путин, кој го посети Курск на 12 март за првпат по рускиот упад во градот, рече дека ситуацијата во регионот сега е „целосно под наша контрола“. Тој порача дека ако Русија може физички да го блокира патот за повлекување, украинските сили што се таму ќе имаат само две опции: да се предадат или да бидат убиени.

Меѓу другите грижи што рускиот лидер ги изрази во врска со предлогот за прекин на огнот е дали Западот ќе го искористи периодот од 30 дена за повторно да ја вооружи Украина или да ги обучи нејзините сили. Тој праша и како ќе се надгледува фронтот долг речиси 2.000 километри.

„Кој ќе утврди каде и кој го прекршил примирјето?“ рече тој.

Видете и ова: Трамп ја предупреди Русија со санкции додека Москва го разгледува договорот за прекин на огнот

Експертите предупредија дека Путин најверојатно ќе се обиде да ги одложи разговорите за прекин на огнот бидејќи неговите сили имаат предност на бојното поле.

Покрај напредокот во Курск, Русија освојува територии во источна Украина – иако со високи човечки и материјални загуби – поради нејзината значителна предност во човечки ресурси.

Русија можеше да регрутира десетици илјади луѓе секој месец и така бргу да ги надомести загубите, додека Украина се бори да ги привлече своите граѓани доброволно да се пријават за борбената линија.