Социјалните мрежи се дел од секојдневието на младите, но нивното неправилно користење може да предизвика сериозни последици. Ова особено го нарушува процесот на учење, кој во недостиг на соодветни мерки, може да влијае деструктивно на образовниот процес. Родителите и наставниците, со поддршка од институциите, играат клучна улога во едукацијата и заштитата на младите.
Во оваа насока, Министерството за образование и наука и Министерството за дигитална трансформација изработија упатство за употреба на социјални мрежи. Според најавите, упатството ќе им помогне на наставниците и родителите во насочувањето на децата кон правилно и безбедно користење на интернетот и социјалните мрежи, со акцент на едукативните цели и заштитата на личните податоци.
Психотерапевтката, Мирјана Јовановска Стојановска истакнува дека неправилното користење на социјалните мрежи може да предизвика значителна штета. Според неа, штетата се одразува на когнитивните способности, однесувањето, социјализацијата, емоционалната регулација, комуникацијата и контактот со реалноста надвор од виртуелната реалност.
„Штета има на физичкото здравје заради недвижење, неправилна положба на ‘рбетот и вратот настануваат искривувања кои тешко се коригираат. Недвижењето ја намалува мускулната маса и влијае на циркулацијата на крвта, на лимфата и работа на сите внатрешни органи. Особена штета предизвикува на менталното здравје“, вели таа.
Видете и ова: Сколиоза и деформитети на стапалата - сѐ почеста дијагноза кај ученицитеДосега, како што споделува, не наишла не некое истражување за поврзаноста на социјалните мрежи со академскиот успех, но, од логично размислување, како што вели, за повисок академски успех потребно е многу време да се посвети на учењето.
Обидувајќи се да ги превенираат последиците од социјалните мрежи врз младите, Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за дигитална трансформација (МТД) изработија упатство за употреба на социјални мрежи. Ова упатство, како што велат, ќе биде од голема помош на наставниците во нивните напори за насочување на децата кон правилно и безбедно користење на интернетот и социјалните мрежи.
„Упатството е веќе споделено со училиштата и цениме дека ќе биде од голема помош на наставниците во нивните напори за насочување на децата кон правилно и безбедно користење на интернетот и социјалните мрежи и тоа најмногу за едукативни цели“, велат од МОН.
Во контекст на превенирање на негативните влијанија на интернетот врз младите, како што дополнуваат, воведена е медиумска писменост во основното образование, како посебна тема во рамки на предметот мајчин јазик, а ќе биде интегрирана и во предмети во средното образование.
Видете и ова: Македонската влада не планира да ја ограничи употребата на ТикТокОд Министерството за дигитална трансформација велат дека во упатството постојат општи насоки за користење на дигитални платформи и совети до родителите за алатки со кои можат да го контролираат времето што нивните деца го поминуваат пред екран.
Главните цели вклучуваат заштита на личните податоци на учениците, спречување на сајбер-малтретирање и поттикнување на користење на социјалните мрежи за едукативни цели.
„Преку проектот MKSafeNet ќе се работи директно на градење механизми за заштита на приватноста на учениците и спроведување на општи мерки за подобра онлајн безбедност“, велат од Министерството за дигитална трансформација.
Оттаму потенцираат дека упатството има информативен и советодавен карактер, со цел да обезбеди насоки за безбедно користење на дигиталните платформи и социјалните мрежи.